Поштарот доаѓа сè поретко – писмата и сметките доцнат, граѓаните загрижени
Граѓаните низ Македонија сè почесто се жалат дека со месеци не добиваат писма, пакети и сметки. Според нив, поштарите не се појавиле пред нивните домови со недели, а поради недобиени сметки за струја, вода или други услуги, се плашат од дополнителни трошоци ако завршат кај извршител. За да избегнат проблеми, некои се принудени сами да одат до шалтерите на комуналните претпријатија и да бараат дупликати.
Синдикатот на АД „Пошта на Македонија“ за „Слободен печат“ потврдува дека ситуацијата со поштарите е алармантна. Вработените масовно си заминуваат, нема нови ангажмани, а моменталната состојба се „крпи“ со 250 договорци кои работат без здравствено и пензиско осигурување. Повеќе од 65 отсто од вработените се пред пензија, а платите се на ниво на минималецот, што ја прави професијата неатрактивна.
„Најкритично е во скопски Аеродром, каде немаме поштари во неколку региони. Се снаоѓаме со позајмување на кадар од други пошти, но тоа е недоволно“, вели Боро Велигденов, претседател на синдикалната организација. Тој додава дека компанијата има ресурси и капацитети, но тие не се искористени на соодветен начин.
Според последниот извештај на Агенцијата за пошти, на крајот од 2024 година, Пошта имала 1.676 вработени, од кои 469 биле пошторазнесувачи и 252 договорци. Иако имало пад на бројот на рекламации за поштенските услуги за околу 30 отсто, најголем дел од жалбите и понатаму се однесуваат на препорачани писма – пред сè за доцнење или губење.
Дополнителна загриженост предизвикува и податокот што го објави Регулаторната комисија за енергетика, според кој приговорите за сметки (висина, рокови, пресметки, камати, промени на потрошувач) се зголемиле за речиси 50 отсто во однос на претходната година, а најчеста причина е недобиена фактура.
Иако Министерството за транспорт и врски најави реорганизација и реформи во Македонска пошта, конкретни резултати сè уште не се видливи. Владата досега одобри 5 милиони евра за стабилизација, но приватизација не е планирана, а физибилити студијата платена 800 илјади евра останала неупотреблива.
Пошта на Македонија работи со загуби од 2017 година, а најлошата година била 2022, кога загубата достигнала 3,7 милиони евра.
Во отсуство на системски решенија и нови вработувања, граѓаните остануваат на милост и немилост на затекнатата состојба – без писма, без сметки и без поштари.