Полициски и инспекциски „блокади“ во Кочани: Жителите загрижени, институциите молчат
Кочани денеска е под силно присуство на полициски сили и инспекциски служби, предизвикувајќи вознемиреност и револт кај локалното население. Според сведоштва од граѓани, екипи од полицијата, Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и други институции масовно вршат контроли во ресторани, кафулиња и продавници, при што се изрекуваат бројни казни.
Жителите тврдат дека акциите се спроведуваат со прекумерен притисок, оставајќи впечаток на „терор“ над малобројните бизниси кои сè уште функционираат по трагедијата што го погоди градот на 16 март, кога животот го загубија 62 лица. Од тогаш, многу објекти, особено угостителските, го прекинаа своето работење, а економската активност е речиси замрена.
„Градот едвај преживува, а сега наместо поддршка, се соочуваме со закани и затворања. Ако продолжи вака, ништо нема да остане“, велат огорчени граѓани.
Дополнителна загриженост предизвика и информацијата дека еден од родителите на жртвите од трагичниот настан бил повикан на разговор во полициска станица, иако засега не се знае поради што.
Причините за засилените контроли и појавата на институционална „офанзива“ во градот засега не се јасни, а официјални изјави од надлежните институции нема. Населението повикува на транспарентност и итно престанување со, како што велат, непотребниот притисок врз заедницата која сè уште тагува и се обидува да заздрави.