Поднесено обвинение против таткото на портпаролот на Вреди за сексуално вознемирување на дете
Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт против 59-годишен маж за полов напад врз малолетно лице. Настанот се случил на 24 август минатата година во парк на територија на скопската општина Чаир.
Според обвинението, мажот започнал да допира 15-годишно дете, по што детето реагирало, му ја фатило раката и се заканило дека ќе повика полиција. Обвинетиот се обидел да избега, скривајќи се во влез на зграда, но детето ја затворило вратата и повикало полиција, која веднаш го привела мажот.
Судот му изрече мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, одземање на пасошот, задолжителни јавувања кај надлежен орган и забрана за каков било контакт со оштетената страна.
Инаку, јавноста беше потресена кога се дозна дека обвинетиот е татко на Фари Хусеини, портпарол на коалицијата Вреди. Хусеини ги потврди информациите и минатата година објави дека привремено се повлекува од функцијата за да не влијае врз истрагата.
„Ако овие наводи се покажат точни, тоа ќе биде страшен удар, не само за мене, туку и за целото мое семејство. Ние сме одговорни само за нашите постапки и вредности, но не сакам да изгледа дека мојата функција влијае врз институциите. Затоа решив да ги замрзнам политичките активности. Во овие тешки моменти, понизно барам да се почитува приватноста на моето семејство“, изјави тогаш Хусеини.