20 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против поранешниот државен адвокат Фехми Стафа, кој се товари за кривично дело поврзано со корупција и незаконско влијание врз судски постапки.
Според информациите од Обвинителството, по спроведена сеопфатна истражна постапка, надлежен јавен обвинител поднел обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, дело предвидено и казниво според Кривичниот законик.
Во обвинението се наведува дека обвинетиот, во периодот од октомври до 13 декември 2025 година, со намера да стекне противправна имотна корист, примил вкупно 50.000 евра. Парите, како што се посочува, биле наменети за посредување и користење на неговото реално влијание со цел да се изврши притисок врз судија во Апелациониот суд во Скопје.
Целта била преку давање мито да се влијае врз донесување службена одлука која не смеела да биде донесена, односно да се интервенира во конкретен судски предмет.
Од Обвинителството додаваат дека, имајќи ги предвид непроменетите околности врз основа на кои на осомничениот му била изречена мерка притвор, надлежниот обвинител предложил таа мерка да биде продолжена и во текот на судската постапка.
Стафа беше лишен од слобода на 13 декември минатата година, веднаш по приемот на парите, кои потоа биле пронајдени и одземени при претрес.
Според истрагата, случајот е поврзан со обид за влијание врз постапка во која негов клиент бил осомничен. Станува збор за лицето Љупчо Пецов, познат под прекарот „Ѓаволот“, кој е осомничен во предметот „Зинџир“.
Како негов адвокат, Стафа претходно поднел барање за замена на мерката притвор со куќен притвор, при што била понудена и гаранција, и тоа во отсуство на осомничениот.
Судот допрва треба да ја оцени основаноста на обвинението и предложените мерки, додека јавноста внимателно го следи случајот кој отвора сериозни прашања за интегритетот на правосудниот систем.
Државниот врв со честитки за Фитр Бајрам: пораки за мир, солидарност и соживот
Филипче: Цените растат, а Мицкоски троши народни пари наместо да преземе мерки
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

