По големата хаварија – братска струја од Бугарија за С. Македонија
По големиот прекин на струја во регионот, Бугарија повторно ја потврди својата улога како клучен гарант на енергетската стабилност на Балканот. Министерот за енергетика на Бугарија, Жечо Станков, изјави дека нивната земја обезбедува поддршка за електроснабдувањето на Северна Македонија и Србија, откако нивните енергетски системи претрпеа сериозни прекини.
Министерот објасни дека во раните утрински часови во неделата, енергетскиот систем на Југоисточна Европа бил подложен на сериозни предизвици. „Имавме високи напони поради ниската потрошувачка и зголеменото присуство на реактивна енергија во мрежата. Бугарија располага со 90% од неопходните компензациски капацитети и успеавме да го стабилизираме системот, обезбедувајќи поддршка и за соседните земји,“ изјави Станков.
Особено беше истакнат случајот со Северна Македонија, каде што половина од државата остана без електрична енергија уште од 5 часот наутро. Погодени беа најголемите градови, вклучувајќи делови од Скопје, како и Кочани, Прилеп, Гевгелија, Штип и Куманово. Станков додаде дека покрај интервенцијата преку електропреносната мрежа „Белацица“, Бугарија има подготвеност да поддржи и преку други 110-киловолтни линии.
Според министерот, денешната хаварија уште еднаш покажува дека Бугарија треба да продолжи со инвестиции во компензациски капацитети и во нови пумпно-акумулациони хидроелектрани (ПАВЕЦ). Тој нагласи дека обновливите извори на енергија не се причина за проблемот, туку реактивната енергија која се генерирала и предизвикала зголемување на напонот. „Нашите производствени и компензациски капацитети ја штитат бугарската електроенергетска мрежа – тие ја апсорбираат таа реактивна енергија. ПАВЕЦ 'Чаира' исто така може да ја преземе оваа улога“, рече тој.
Покрај Северна Македонија, и Хрватска се соочува со слични проблеми поради недостигот на компензациски капацитети, што дополнително ја влошува состојбата со електроснабдувањето во регионот.
И покрај сериозноста на ситуацијата, во Бугарија не е забележано прекинување на струја, што според Станков, е потврда за стабилноста на домашниот систем и добрата меѓусоседска енергетска соработка.