Петар Богојески: Бугарскиот јазик треба да биде службен во С. Македонија
Во интервју за бугарскиот портал Faktor.bg, македонскиот политички активист и основач на платформата „Македонски концепт“, Петар Богојески, изнесе смело размислување: бугарскиот јазик треба да биде признаен како службен јазик во Северна Македонија, бидејќи за голем број македонски граѓани тој е мајчин.
Богојески нагласи дека македонскиот и бугарскиот јазик не се спротивставени, туку претставуваат две гранки од заедничко културно и историско стебло – јазикот на Свети Климент Охридски. Според него, ова заедничко наследство треба да биде признаено и прифатено, наместо да се користи за политички поделби.
Тој предложи и конкретни чекори за промена на јазичната и образовната политика во Македонија: да се дозволи официјална употреба на сите јазици што граѓаните ги чувствуваат како мајчини, меѓу кои бугарскиот и англискиот. Ова, вели Богојески, би значело дека македонските Бугари би имале право да го користат бугарскиот во образованието и администрацијата, слично како што денес се користи албанскиот јазик.
Во однос на историското прашање, Богојески повика на деполитизација на историјата и на објективен пристап кон заедничкото културно минато. Тој предложи младите во Македонија да учат од автентични историски извори како што се биографијата на Гоце Делчев напишана од Пејо Јаворов или автобиографијата на Григор Прличев, без политички влијанија и идеолошки манипулации.
Според него, само преку искрено прифаќање на историската вистина и преку градење граѓанско општество, Македонија ќе може да го надмине национализмот и да создаде современа нација во која сите граѓани, без разлика на етничкото потекло, ќе се чувствуваат рамноправни.
На крајот од интервјуто, Богојески ја истакна и улогата на интелектуалците од двете страни на границата – тие, според него, треба да бидат мостот што ќе ги обедини македонското и бугарското општество.