10 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Државниот пазарен инспекторат информира дека во изминатите три до четири дена не е утврдено криење на резерви на гориво во бензинските станици. Ова е резултат од засилените инспекциски контроли што се спроведуваат на терен.
Директорот на Пазарниот инспекторат, Влатко Стојкоски, изјави дека биле извршени повеќе од 300 инспекциски надзори, а кај дел од бензинските станици контролите и понатаму продолжуваат.
„Не е констатирано дека имало криење на резерви на гориво. Сепак, забележано е дека околу 30 бензински станици ги потрошиле своите резерви и привремено престанале со точење гориво. По еден до два часа, а во некои случаи и по четири часа, по повторно полнење на резервоарите тие продолжиле со работа. Таква беше состојбата во изминатите три до четири дена“, изјави Стојкоски.
Тој денеска, заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, учествуваше на настанот „Усогласувањето и фер конкуренцијата одат заедно“.
Во однос на најавите за можно намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за увоз на гориво, доколку кризата потрае подолго, и колку тоа би го чинело државниот буџет, Петрова истакна дека таквите проценки ги прави Владата во соработка со надлежните министерства.
„Управата за јавни приходи е оперативно-извршен орган. Овие проценки ги прави Владата заедно со релевантните министерства. Какви било мерки што ќе бидат донесени преку законски решенија или други акти, ние ќе треба да ги спроведеме. Затоа, прашањата во таа насока не треба да се упатуваат до Управата за јавни приходи“, изјави Петрова.
Од Пазарниот инспекторат најавуваат дека ќе се спроведуваат контроли и кај трговците поради можноста за зголемување на цените на прехранбените производи. Стојкоски очекува трговците да покажат општествена одговорност во период кога светот се соочува со економска криза.
„Од денеска ќе се формира тим и подготвуваме оперативен план за инспекции во маркетите, кај дистрибутерите, увозниците и производителите на храна. Во наредниот период строго ќе се посветиме на ова прашање. Очекувам разумност од трговците и нивна општествена одговорност. Владата во повеќе наврати покажа дека е партнер со бизнис секторот преку поволни кредити и обезбедување фер и лојална конкуренција. Ние како инспекторат ќе бидеме на терен и ќе ги следиме бруто-профитните маржи“, нагласи Стојкоски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

