18 февруари 2026
• од Гоце Кически
Претворањето на стара облека во уникатни дизајни е еден од начините модата да стане поодржлива. Весна Ристовска, наставничка од Богданци, денес успева тоа знаење да им го пренесе на своите ученици, благодарение на обука за циркуларна економија организирана во рамки на проект финансиран од ЕУ. На тој начин, таа ги инспирира младите активно да придонесат кон намалување на текстилниот — и вкупниот — отпад во Северна Македонија.
Весна Ристовска уште од млада возраст шиела облека за себе. Денес, како долгогодишна наставничка во локалното училиште, таа ги обучува учениците не само да шијат и дизајнираат, туку и тоа да го прават на одржлив начин. Со новостекнатото знаење од курсот за циркуларна економија, спроведен во рамки на ЕУ-проект, Весна ги запознава учениците со основите на одржливата мода и ги охрабрува практично да ги применуваат овие принципи.
„Ние не само што собираме отпадни материјали, туку и активно соработуваме со текстилни компании од регионот кои ни ги даваат парчињата ткаенина што инаку би ги фрлиле,“ вели Весна.
Еколошката свест е важен дел од нејзините часови. „Оваа година започнавме курс по одржлива мода за учениците да ги разберат последиците што брзата мода ги има врз животната средина. Мило ми е што учениците ја сфаќаат важноста на темата и наместо да купуваат нова облека, тие ја поправаат или редизајнираат старата. Дел од нив дури ги продаваат своите изработки на локалниот пазар,“ додава таа.
Сунчица Костовска-Петровска од организацијата People in Need, која го спроведува ЕУ-проектот „Граѓанско општество и млади за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, објаснува дека целта е поддршка на локалните училишта и организации во нивните иницијативи за циркуларна економија.
„Проблемот со управувањето со отпад во Северна Македонија е едно од најголемите прашања што го загрозува животот на граѓаните. Ние ја поддржуваме транзицијата на земјата кон циркуларна економија,“ вели Сунчица.
Часовите што ги води Весна ги посетуваат и момчиња и девојчиња. Некои од нив сакаат да станат дизајнери, додека други едноставно се заинтересирани за темата. Нејзиниот главен совет до учениците — и до сите — гласи: „Прво поправи, не фрлај. Второ редизајнирај, не фрлај. Трето донирај, не фрлај.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

