26 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Новинарот Невриј Адеми, кој изминатиов период предизвика силни реакции во јавноста по неговото обраќање на прес-конференција, реагираше на изјавата на Советот на честа, изразувајќи незадоволство од начинот на кој бил третиран целиот случај.
Контроверзијата се отвори откако Адеми ѝ се обрати на министерката за образование Весна Јаневска со зборовите „ти кажавме да си земеш преведувач“, што беше оценето како несоодветно од дел од јавноста и професионалната фела.
Во својата реакција, Адеми посочува дека не му била дадена можност да го изнесе својот став пред да биде донесен јавен заклучок.
„Со сета почит кон вашата улога и ангажман во заштита на етичките стандарди во новинарството, сакам да го изразам моето сериозно незадоволство во врска со вашата последна изјава која се однесува на моето однесување за време на прес-конференцијата“, наведува Адеми.
Тој смета дека во процесот недостасувал фер пристап.
„Пред сè, сметам дека во овој случај не е земен предвид мојот став, ниту пак ми беше дадена можност да го дадам своето објаснување пред да се донесе ваков јавен заклучок. Ова, според мене, претставува отстапување од принципите на објективност и фер третман“, истакнува тој.
Адеми категорично ги отфрла обвинувањата дека неговото однесување било агресивно или непрофесионално.
„Категорично ги отфрлам тврдењата дека мојата комуникација била несоодветна или дека сум користел агресивен тон. Моите прашања беа поставени во рамките на новинарската професија, со цел да се добијат одговори од јавен интерес“, вели Адеми.
Тој дополнително нагласува дека неговото познавање на македонскиот јазик, за кое, како што тврди, е запознаено и Здружението на новинари на Македонија, може да влијае на начинот на изразување, но не и на неговата намера.
„Тоа може да има влијание врз формулацијата, но не и врз професионалниот пристап или намерата“, додава тој.
Во реакцијата, Адеми потенцира дека останува отворен за понатамошен дијалог со релевантните тела.
„Останувам отворен за конструктивен дијалог и подготвен сум да го појаснам мојот став во секој формат што ќе го сметате за соодветен“, наведува Адеми.
Неговата реакција доаѓа по низа осуди од новинарската фела и институции, кои го оценија неговото обраќање како непрофесионално и недолично. Случајот повторно ја отвори дебатата за етичките стандарди, комуникацијата и однесувањето на новинарите во јавниот простор.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

