Нов ценовен шок – Левица обвинува: Владата без решенија, народот преживува
Партијата Левица остро реагира на последниот бран поскапувања, обвинувајќи ја актуелната власт дека е неспособна да се справи со економската криза и ценовниот шок што секојдневно го чувствуваат граѓаните. Според нив, реалната состојба на теренот е спротивна на сликата што Владата ја прикажува во јавноста.
„Иако Владата се фали со ‘успешни мерки’ за стабилизирање на цените, реалноста е сосема поинаква: народот преживува, а профитерите се богатат“, стои во соопштението на Левица. Според нив, укинувањето на мерките за замрзнување на цените и ограничување на маржите довело до нов, брутален удар по стандардот на граѓаните.
Левица предупредува дека основните производи секојдневно поскапуваат, сè повеќе луѓе купуваат „на парче“, додека функционерите продолжуваат да живеат на државна сметка. Наместо стабилизација, следува ценовен шок што го чувствува секое домаќинство. Владините инспекции и анализи, според Левица, се само алиби за неакција, додека храната станува луксуз за обичниот човек.
Партијата ги посочува вистинските проблеми во системот: коруптивни договори, монополски пазари, зависност од увоз и неконтролирани маржи. Наместо решенија, властите, тврди Левица, ги обвинуваат трговците и дистрибутерите, па дури и самите граѓани, за наводни „инфлаторни очекувања“. Одговорноста, како што велат, е токму кај тие што треба да обезбедат фер систем и долгорочна економска стабилност.
„Цените растат. Платите тапкаат во место. Младите заминуваат. А тие што остануваат – преживуваат, бирајќи помеѓу храна или сметки“, порачуваат од Левица.
Партијата апелира до новата влада составена од ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ да се соочи со реалноста и да понуди конкретни решенија наместо статистички манипулации и пи-ар кампањи. „Наместо вистински мерки за подобрување на животниот стандард, тие нудат апсурдно ‘рекреирање’ и ја намалуваат потрошувачката кошничка само за да тврдат дека на граѓаните ‘им е добро’. Но народот не бара илузии – туку достоинствен живот“, се вели на крајот од соопштението.