Николовски до Трипуновски: Ќе останат ли земјоделците без зелена нафта, а учениците без здрав оброк?
На денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, упати директни прашања до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во врска со континуитетот и спроведувањето на две значајни мерки: „зелена нафта“ за земјоделците и програмата „здрав оброк“ за учениците во училиштата и децата во градинките.
Николовски го потсети министерот дека овие програми беа воведени од претходната влада предводена од СДСМ, со јасна цел – поддршка на земјоделците и унапредување на здравјето кај најмладите преку квалитетна исхрана.
„Велите дека овие програми сериозно ќе бидат модифицирани, но од документите за 2024 и 2025 година јасно се гледа дека нема ниту една измена. Исто како минатата година – препишано, збор по збор,“ изјави Николовски од собраниската говорница.
Тој предупреди дека законскиот рок за објавување на програмата за набавка на овошје за градинките – 15 април – веќе поминал, а програмата сè уште не е објавена. Според него, тоа сериозно го доведува во прашање нејзиното навремено и целосно спроведување.
Освен за здравиот оброк, Николовски ја отвори и темата за зелената нафта, со која се субвенционираат 50.000 земјоделци во државата. Иако најавите беа за драстични промени, и тука, според него, не е направена ниту една измена.
„Во август и септември кога почнува бербата, дали земјоделците ќе добијат картички за зелена нафта? Знаеме колку време бара подготовката на документацијата и колку се строги роковите,“ праша Николовски, изразувајќи сомнеж во способноста на ресорното министерство навреме да ги обезбеди потребните ресурси.
Со ова, тој ја стави под прашање подготвеноста и доследноста на актуелната влада да продолжи со спроведување на европските практики и политики што, како што рече, се веќе успешно воспоставени во системот.
Сега останува да се види дали министерот Трипуновски ќе даде јасен одговор и гаранција дека децата нема да останат без оброк, а земјоделците без поддршка токму во најважниот период од годината.