Николовски до Трипуновски: Каде се реформите во земјоделството? Само укинати мерки и намалени субвенции
На денешната седница на Собранието, пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, упати остри критики до министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, обвинувајќи ја Владата за застој и назадување во аграрниот сектор. Во своето пратеничко прашање, Николовски посочи дека веќе една година земјоделците чекаат на нови мерки и програми кои беа ветени, но досега не се реализирани.
Според Николовски, иако беше најавено дека ќе се воведат нови политики и енергија во земјоделството, реалноста е поинаква – нема ниту една нова мерка, програма или политика. Тој истакна дека постојните мерки се само продолжение на оние кои претходно биле остро критикувани, без никаков видлив напредок или иновација.
Особено го нагласи укинувањето на моделот за субвенционирање кој овозможуваше целосна поддршка за приоритетни земјоделски култури, намалувањето на субвенциите за говедарството (од 12 на 8 денари), како и укинувањето на повеќе значајни мерки – меѓу нив и поддршката за предадено јагне, програмата за мали семејни винарии и мерката за ситен ориз.
Дополнително, Николовски укажа дека нема ниту една нова мерка во програмата за рурален развој, дека бројот на јавни повици е драстично намален, како и дека една година нема акредитација на ниту една нова мерка од ИПАРД програмата.
„Наместо реформи, гледаме враќање на старите практики кои отвораат простор за сива економија“, рече Николовски, предупредувајќи дека со ова се губи довербата на земјоделците и се оддалечува можноста за реален развој во секторот.
Тој упати критика и за зголемувањето на лимитот за поддршка на големи компании од 300.000 на 1 милион евра, што, според него, претставува враќање на политиките од времето на Груевски и отвора простор за концентрација на средства кај одредени компании.
На крајот, Николовски посочи дека во министерството чекаат 30 закони, додека во изминатата година не е предложен ниту еден реформски закон во областа на земјоделството.
„Кога конечно ќе видиме нови политики и вистински реформи?“, беше директното прашање кое Николовски му го постави на министерот Трипуновски, потенцирајќи дека не може сè да се базира на политиките наследени од претходните влади.