14 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Во време кога безбедноста на граѓаните треба да биде врвен приоритет, Северна Македонија сè уште нема државен центар за обука на пожарникари. Овој сериозен институционален пропуст создава дополнителни проблеми за противпожарните единици, особено во западниот дел на земјата, каде што веќе се чувствува недостиг од нови и обучени пожарникари.
Според раководителот на противпожарната единица во Тетово, Авни Амети, во државата постојат само два центри за обука на пожарникари, но тие се приватни и нивните услуги се прескапи за многу кандидати. Наместо државата да обезбеди системска и достапна обука за професија од јавен интерес, идните пожарникари се принудени сами да плаќаат високи суми за да ја стекнат потребната квалификација.
Последните податоци покажуваат дека во земјата недостасуваат најмалку 30 до 40 нови пожарникари. Овој недостаток не е само бројка на хартија, туку директна закана за безбедноста на граѓаните. Во ситуација кога пожарите, природните непогоди и другите кризни ситуации стануваат сè почести, државата сè уште нема адекватен образовен систем за оваа професија.
Дополнителен проблем е и институционалната неодговорност. Кога медиумите побарале одговор од Дирекцијата за заштита и спасување дали постои план за отворање државен центар за обука или за организирање на задолжителниот курс од 900 часа, одговорот бил разочарувачки – од институцијата не знаеле дали ова е во нивна надлежност или треба да го реализира некоја друга институција. Оваа конфузија само покажува колку е запоставено прашањето за обуката на пожарникарите.
Во вакви услови, кандидатите кои сакаат да станат пожарникари се принудени да се обучуваат во приватни центри. Иако понекогаш добиваат минимална финансиска помош од општините, трошоците остануваат огромни. Самата обука чини околу 43.000 денари, а со патни трошоци и други дополнителни расходи сумата може да достигне и до 150.000 денари – сума која многу млади луѓе не можат да си ја дозволат.
Недостигот од државен центар за обука на пожарникари не е само административен проблем, туку сериозен показател за нефункционалноста на системот. Додека во поголемиот дел од Европа и регионот постојат специјализирани државни институции за обука на пожарникари, Македонија и понатаму заостанува. Ако институциите не преземат итни чекори за воспоставување на ваков центар и за системско решавање на проблемот, последиците ќе продолжат да ги чувствуваат и пожарникарите и граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

