Најчевска бара разрешување на сите јавни обвинители и ревизија на нивното работење
Професорката Мирјана Најчевска остро реагираше по повод одлуката за укинување на притворот на газдата на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, кој на местото на притворот понудил гаранција во движен и недвижен имот.
Најчевска во својата јавна реакција упати жестоки критики кон јавното обвинителство, обвинувајќи го дека повторно застанува во заштита на криминалот.
„Според мене, треба под итно да бидат разрешени од должност сите јавни обвинители, да се направи независна ревизија на нивното делување во последниве 20 години и да се распише конкурс за вработување на јавни обвинители со многу јасни и прецизни критериуми,“ напиша Најчевска.
Нејзината реакција ја отвора темата за довербата на јавноста во институциите и барањето за сериозни реформи во правосудниот систем. Според неа, целосна ревизија на работата на обвинителството е неопходна за воспоставување на правдата и враќање на довербата на граѓаните во системот.
Одлуката за Јахоски предизвика реакции и во јавноста, со оглед на тоа што станува збор за значаен случај кој се следи со големо внимание. Останува да се види дали ќе има одговор од страна на обвинителството и институциите на барањата за ревизија и кадровски промени.