Мистериозно истекување кај ОХИС – црна течност го прекри булеварот „Борис Трајковски“
Полицијата денеска попладне интервенираше на булеварот „Борис Трајковски“ во скопската населба Кисела Вода, во близина на поранешната фабрика ОХИС, по пријава за истекување на непозната црна течност од атмосферската канализација.
Како што информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР), инцидентот бил пријавен околу 14:00 часот, по што полициски екипи веднаш излегле на терен.
„Денеска околу 14.00 часот во СВР Скопје е пријавено дека на бул. ‘Борис Трајковски’ во близина на населба Пинтија истекува непозната црна течност од атмосферската канализација и истата се излева по булеварот. Полициски службеници од СВР Скопје се излезени на лице место. Сообраќајот се пренасочува и се преземаат мерки за утврдување на причините и расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Во моментов се врши анализа на теренот, а сообраќајот на овој потег е делумно пренасочен заради безбедност и истрага. Засега не е познато дали црната течност претставува опасност по здравјето на граѓаните или околината.
Надлежните институции, вклучително и еколошките служби, се очекува да се вклучат во истрагата за потеклото и составот на супстанцијата. Граѓаните се повикуваат на претпазливост и да го избегнуваат овој дел од градот додека трае расчистувањето и утврдувањето на причините.