Министер со бугарско државјанство во владата на Христијан Мицкоски
Министерката за енергетика и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сања Божиновска, директорувала со хрватската канцеларија на фирмата „Руднап“ користејќи бугарски пасош. Тоа е видливо од јавно достапниот регистар на Трговскиот суд во Загреб. Во изјава за „360 степени“, министерката Божиновска негира дека поседува бугарско државјанство, но не одговара дали поседувала. Нашите дополнителни проверки покажаа дека таа побарала отпуст во втората половина на минатата година и дека процедурата не е завршена, што значи дека сè уште е бугарска државјанка
Министерот кој треба да биде одговорен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, кој отворено декларирал дека поседува и белгиско државјанство, коментира: „Декларирање на второто државјанство е прашање на транспарентност и е неопходно барем кога станува збор за етичко ниво. Кога се работи за високи државни функционери, би требало да е норма“, пренесува 360 степени.
Викендов земјава доби нова влада. На број, новиот владин кабинет ќе има 24 члена. Од нив, еден премиер, 20 ресорни министри и тројца министри без портфолио.
Овој текст, сепак, не се занимава со обврските што ги носи секој поединечен ресор, туку со прашањето на интегритет, политички морал и потенцијален судир на интереси. Бидејќи еден министер отворено декларирал, а најмалку еден сокрил дека има двојно државјанство. Поседувањето двојно државјанство не е забрането со закон, но отвора дилеми за моралните квалитети, како и за тоа што ќе се случи ако министер биде во состојба да одлучува за прашања што ги засегаат двете или повеќе негови татковини?
Сања Божиновска
Во биографијата на министерката што го води новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини пишува дека е родена во Скопје во 1980 година. Во графата националност декларирала „македонска“. Има високо образование надвор од државава и работно искуство надвор од државава, меѓу другото, и во групацијата „Руднап“ со седиште во Белград, Србија, каде што била „извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија“ и била одговорна за активности во „Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Македонија, Романија, Унгарија, Кипар, БиХ, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Чешка, Австрија, Грција“.
Ако се провери историјатот на филијалата на „Руднап“ во Загреб, кој е бесплатен и јавно достапен запис, на неколку места се среќава името на Сања Божиновска. На ден 6.12.2013 година, кога се правени измени во структурата на компанијата, освен што ѝ е споменато името Sanya Bozhinovska, пишува и дека лицето има матичен број (личен идентификациски број): 38563731070 и број на пасош 382526102, но не на Република Македонија, туку на Република Бугарија. И дека живее на адреса во Белград.
![](https://infomax.mk/wp-content/uploads/2024/06/image-32-1024x460-1.png)
Принтскрин од јавно достапната интернет-страница на Трговскиот суд во Загреб
Или, Сања Божиновска, која, според биографијата, тогаш работела за компанијата „Руднап“, во Хрватска била пријавена и се идентификувала со бугарски пасош. А за бугарски пасош, прво е потребно да се обезбеди бугарско државјанство. За некој, пак, да добие бугарско државјанство, треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти.
Имајќи ги предвид овие факти, се обративме до министерката Сања Божиновска. На прашањето дали поседувала или дали во моментов поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, таа ни одговори:
Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
„Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“.
Што се однесува до бугарското државјанство, министерката Сања Божиновска на ниту едно место во одговорот не кажува дали во минатото го поседувала иако и тоа е дел од прашањето.
„360 степени“ направи дополнителни проверки кои покажаа дека Сања Божиновска побарала отпуст од бугарско државјанство во втората половина на минатата година и дека процедурата сè уште не е завршена. Преведено, тоа значи дека Божиновска сè уште е државјанка на Република Бугарија.
Во хронологијата на настаните, неколку месеци откако побарала отпуст од бугарско државјанство, Божиновска станува членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – во февруари оваа година.
Во однос на поседувањето чешко државјанство, пак, за што министерката Божиновска тврди дека го декларирала, таква информација не може да се најде во нејзината биографија доставена од мандатарот Христијан Мицкоски до Собранието. Како што наведовме, за националност напишала само „македонска“, а во делот мајчин јазик напишала „македонски“. Чешка е спомната пред сè во работното искуство, а чешкиот јазик кај останатите јазици кои ги познава. Но, на ниту едно место не е спомнато и чешко државјанство.
![](https://infomax.mk/wp-content/uploads/2024/06/image-33-1024x366-1.png)
На прашањето, дали поседувањето државјанство на друга држава може да доведе до потенцијален судир на интереси, министерката Божиновска одговара:
„Во таа смисла би сакала да напоменам дека секогаш сум работела во интерес на државата и ќе продолжам да го правам тоа. Можноста за судир на интереси секогаш ќе биде избегната преку транспарентност и почитување на законските регулативи, како и на највисоките етички стандарди…
Во контекст на мојата нова функција како министер ќе се фокусирам на реализација на проекти и иницијативи кои ќе придонесат Македонија да стане енергетски стабилна и независна. Нашите планови вклучуваат инвестирање во обновливи извори на енергија, модернизација на постоечките енергетски капацитети и подобрување на инфраструктурата. Целта е да се обезбеди континуирана и сигурна енергетска снабденост за сите граѓани и стопанството во земјата“.