Мајката сведочи: Била жива, ја најдовме на кревет свртена на страна, никој не ѝ дал кислород
Трагедијата што го потресе Кочани и цела Македонија, пожарот во дискотеката „Пулс“ кој одзеде животи на многу млади луѓе, продолжува да ја исполнува јавноста со неизмерна болка и тага.
Денес, мајката на една од жртвите, со солзи во очите и крвава болка во срцето, зборуваше за последните моменти на својата ќерка. Таа сведочеше дека ќерка ѝ била оставена на Интерното одделение во кец, без соодветна медицинска грижа. „Да, беше оставена во кецот, полицијата не не пушти да влеземе. После отиде мажот ми и он ја најде, покриена со кебе, легната на перница, свртена на страна. Сакала да слезе од кревет, била со ногата надолу падната. Не и е пружено, не и е дадено кислород. Така ја најдовме“, раскажува потресената мајка.
На новинарско прашање дали имало доволно кислород во болницата, таа со горчина потврди: „Да, па немаше кислород во болницата, којзнае и дали им давале“.
По нејзиното сведоштво, со своите приказни се приклучија и други родители на жртвите. Една мајка раскажа дека нејзиниот син починал откако паднал од болнички кревет, иако немал видливи изгореници.
Сведоштвата на семејствата ги отвораат прашањата за (не)адекватната здравствена заштита по несреќата и дополнително ја зголемуваат огорченоста на јавноста. Трагедијата не само што ги одзеде младите животи, туку остави и чувство на неправда кај оние кои изгубија најмногу.