27 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
Тринаесетгодишната потрага по Теодора Бабарчиќ, тинејџерка од Градско, ја потресе јавноста. Веќе трет ден по ред, спасувачки екипи, институции и волонтери се обидуваат да го најдат телото на девојчето кое исчезна во водите на реката Вардар кај селото Уланци, општина Градско.
Инцидентот се случил во четвртокот попладне, кога Теодора, заедно со уште една девојка, влегла во водите на Вардар. За жал, додека нејзината пријателка била спасена, Теодора потонала и оттогаш ѝ се губи секаква трага.
Немајќи мир и сила да седи со скрстени раце, мајката на Теодора, Верица Бабарчиќ Лазова, преку социјалните мрежи упати трогателен апел до јавноста:
„Очајно си ја барам ќерката Теодора Бабарчиќ, 16 години, која пред 3 дена се удави во водите на Вардар, Општина Градско-Уланци. Институциите сите се известени, потрагата се уште трае. Даваат сè од себе да ја најдат, сега за сега се води како исчезната. Доколку некој од овчарите, земјоделците, рибарите ја видат во водите на реката Вардар, делот од Градско до Гевгелија, молам за информација. Секоја информација е добредојдена. Пријавете во МВР, за побрзо да се најде моето дете, мојата душа.“
Мајката опишува дека Теодора била облечена во розеви дводелни купаќи, со црна коса и кафени очи.
Институциите се ангажирани и го претресуваат коритото на Вардар, следејќи го текот на реката низ целиот регион, но досега без резултат. Спасувачи и нуркачи, како и дронови и специјализирана опрема, се вклучени во акцијата.
Семејството, пријателите и пошироката заедница повикуваат на солидарност. Апелот на мајката се споделува на социјалните мрежи со надеж дека некој ќе ја забележи или ќе даде корисна информација која ќе помогне во пронаоѓањето на Теодора.
Секој кој има било каква информација се повикува веднаш да се јави во најблиската полициска станица или да го контактира семејството преку објавите на социјалните мрежи.
Се надеваат дека трагедијата ќе добие разрешница и дека Теодора ќе биде пронајдена.
Срамни услови во Скопје – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација