Љупчо Јошевски: Уставот мора да ги признае Бугарите како државотворен народ
Во ексклузивно интервју за порталот www.vestimak.mk, разговараме со Љупчо Јошевски Бугарин од Битола, претседател на бугарското здружение „Балкански мост“, кое активно делува на полето на човековите права, хуманитарна работа и подобрување на добрососедските односи. Тој отворено зборува за состојбата со бугарската заедница во Северна Македонија, билатералните односи со Бугарија, европските перспективи и визијата за иднината.
Како сте, г-дин Јошевски?
Љупчо Јошевски: Ви благодарам на прашањето. Добро сум, исполнет со енергија и мотивација да продолжам со тоа што го работам за доброто на сите граѓани.
Ве молиме претставете се на нашите читатели – Вие сте претседател на бугарското здружение „Балкански мост“ во Битола.
Јошевски: Ќе бидам многу краток околу мене, бидејќи сметам дека делата треба да зборуваат за една личност. Ме инспирира една изрека од Васил Левски: „Дела требаат, а не зборови.“
Јас сум Љупчо Јошевски, претседател и еден од основачите на здружението „Балкански мост“ – Битола, и поборник за унапредување на човековите права на сите народи кои живеат во Република Северна Македонија.
Со години наназад сум активен и во хуманитарната сфера, помагам во областа на образованието и спортот, особено меѓу младите на Балканот. Зад нас веќе стојат многу реализирани проекти – доказ за посветената работа.
Верувам дека само преку работа и борба за каузата можеме да изградиме подобра иднина за следните генерации.
Дали постои системски проблем со јавно изразување на бугарската самосвест во Македонија? Од каде произлегува тој притисок, според Вас?
Јошевски: Категорично да – постои системски проблем. Граѓаните кои јавно се декларираат како Бугари се подложени на маргинализација, навреди, па и судски процеси.
Тоа се гледа и преку реакциите на социјалните мрежи и преку секојдневните ситуации со кои се соочуваме. Проблемот е наталожена негативна енергија која се храни со тврдења дека Бугарија е непријател. Историјата се искривува, фактите се манипулираат – и тоа не носи добро на никого.
Вклучени ли се Вашите сограѓани и соседи од Битола во активностите на „Балкански мост“? Како Ве доживуваат?
Јошевски: Да, имаме голем број сограѓани кои активно се вклучени во нашето работење или даваат поддршка. Нашите активности се насочени кон унапредување на добрососедските односи, и луѓето тоа го препознаваат.
Почетоците беа тешки, имаше многу предрасуди и притисоци, но денес гледаме реален напредок. А како ме доживуваат? Би оставил тие што ме познаваат да кажат.
Како ја гледате актуелната политичка и општествена клима во С. Македонија кога станува збор за билатералните односи со Бугарија?
Јошевски: Односите се комплексни и тешко ќе се решат со моменталните политички ставови. Загубата е на страната на Македонија – додека зборуваме за национализам, иднината нè заобиколува.
Еден од приоритетите мора да биде отворање на Уставот и впишување на Бугарите како државотворен народ.
Зошто, според Вас, Северна Македонија не прави поамбициозни чекори кон напредок во евроинтеграциите?
Јошевски: Патот е закочен поради недостаток на капацитет и политичка волја кај одредени институции. Дополнително, голем дел од проблемите доаѓаат и од надворешни фактори кои се мешаат во нашата внатрешна политика.
Што мислите дека може да ги поврзе Македонците и Бугарите во иднина?
Јошевски: Само граѓаните и невладините организации можат да изградат „мостови“ на соработка. Тоа е патот до соживот и успешна иднина. Заедничките проекти, почитта и отворената комуникација се клучни.
Дали заедничката историја на двата народа може да биде темел за заедничка европска иднина?
Јошевски: Апсолутно. Заедничката историја е нераскинлив јазол кој не поврзува. Колку и некои да се обидуваат да ја искриват или негираат, таа е тука и мора да се почитува ако сакаме да чекориме напред заедно.
Сметате ли дека образовниот систем во С. Македонија доволно објективно ја претставува историјата на регионот, особено во однос на заедничките елементи со Бугарија?
Јошевски: Не. Категорично не. Историјата која се изучува во училиштата е еднострана и не носи ништо добро. Неопходна е промена – треба да се воведе реален и балансиран пристап кој ќе го отсликува заедничкото минато без предрасуди.
Какви се Вашите лични надежи и очекувања за односите меѓу двата народа во следните 10 години?
Јошевски: Имам големи, но реални очекувања. Луѓето од двете страни се се повеќе свесни за важноста на соживотот. Верувам дека постепено, но сигурно ќе ги надминеме сите предизвици и провокации – внатрешни и надворешни.
Каква е вашата идеја за обединување и здружување на Бугарите во Северна Македонија во заеднички сили и иницијативи?
Јошевски: Во државата има многу здруженија кои активно работат. Идејата за нивно обединување звучи добро, но во пракса се појавуваат проблеми – губење на независноста, политизирање, па дури и лични амбиции.
Сметам дека секое здружение треба да дејствува самостојно, но да се поддржуваме едни со други. Единството не значи униформност – туку взаемна почит и заедничка цел.
И на крај, која е вашата главна порака?
Јошевски: Само со взаемно почитување, признавање на заедничката историја, гарантирање на човековите права и носење на мудри одлуки можеме да се придвижиме кон европското семејство. Тоа е патот кој треба да го следиме сите.
📝 Интервјуто го реализираше редакцијата на www.vestimak.mk