Љубчо Георгиевски: Кога ќе прифатиме дека историјата не почнува со Тито?
Љубчо Георгиевски жестоко реагира на, како што вели, тивката и систематска српска асимилација што се случува во Македонија. Според него, ова не е само политички процес, туку културно и идентитетско бришење на македонскиот народ, а најстрашното е – молкот.
„Ви доаѓаат, ви го менуваат името на државата, на народот. Ве прават Срби. Македонија ја прават јужна Србија“, предупредува Георгиевски, нагласувајќи дека ниту еден медиум во земјата не се осмелува да проговори за ова.
Тој го опишува општеството како заглавено во хипокризија, каде што се прифаќаат заеднички историски наративи со Србија – и тоа не само од времето на Титова Југославија, туку и од монархистичкиот период на Караѓорѓевиќ – додека секој обид за добрососедски однос или соработка со Бугарија се доживува како предавство.
„Имаме совршена хипокризија“, вели Георгиевски. „Овде не сакаме ни да признаеме едноставни примери на добра соработка или пријателство.“
Како човек кој, по сопствени зборови, ја воскреснал идејата за ВМРО и самостојна Македонија, Георгиевски не може да премолчи. „Не можам да молчам пред ова македонско лицемерие. А најиронично е што оние кои го прават тоа, ни го продаваат најгласниот патриотизам. Тие се, наводно, најголемите патриоти, а другите се безр’бетници.“
Но токму тие, тврди Георгиевски, дозволуваат „отворена, жестока српска асимилација во Македонија“ и тоа без ни трошка отпор.
Оваа изјава доаѓа како уште едно предупредување дека македонскиот идентитет се наоѓа пред историски предизвик – не само поради надворешниот притисок, туку и поради внатрешната неспособност да се погледне вистината во очи.