Лишени од слобода двајца велешани по кражба на возило и обид за провала во куќа во Струмица
На 26 април 2025 година, полициски службеници од СВР Струмица привеле двајца млади велешани, Б.Д. (24) и С.У. (23), осомничени за кражба и обид за кражба. Лицата биле фатени откако на 25 април околу 09:15 часот се обиделе да ограбат подрумска просторија од куќа на улицата „Спиро Захов“ во Струмица.
При обидот за кражба, осомничените физички ги нападнале сопственикот на куќата, З.К., и неговиот сосед Д.Т., по што избегале од местото на настанот. Благодарение на брзата реакција на полицијата, тие биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Струмица.
Во присуство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица било извршено препознавање на осомничените, а за време на службениот разговор тие признале дека претходно сториле и кражба на моторно возило на подрачјето на Велес.
Дополнително, при преземање на мерките било утврдено дека Б.Д. бил во бегство од Казнено-поправната установа Затвор Идризово.
Во текот на денот против двајцата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава и ќе бидат изведени пред судија од Основниот суд Струмица.