Левица реагира: Стан од 1 денар, куќа од 28 денари – сомнителни имотни пријави на функционери од ВМРО-ДПМНЕ
Партијата Левица остро ја осуди праксата на непрофесионално и паушално пополнување на анкетните листови за имотна состојба од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи ја како грубо поткопување на транспарентноста и интегритетот на јавните функции.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, сите функционери се должни да ја пријават сопствената и семејната имотна состојба пред Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Но, Левица алармира дека податоците што ги пријавиле одредени функционери се нереални и го омаловажуваат законскиот процес.
Јавно објавените податоци покажуваат дека министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пријавил пет недвижности, меѓу кои:
- Стан во Карпош вреден 2,39 денари,
- Куќа во Габрово од 315 квадратни метри вредна 28 денари,
- Двор од 44 квадратни метри вреден 1,5 денари.
Сите овие имоти се заведени на име на неговиот брачен другар, кој поседува и дополнителен стан од 55 квадратни метри, вреден само 3,5 денари.
Исто така, пратеничката Бети Стаменкоска – Трајкоска пријавила кредит и неколку акции, но не пријавила недвижности, туку само градежно земјиште вредно 0 денари, и три возила регистрирани на нејзиниот брачен другар. За банкарски сметки – нема податоци.
Пратеничката Иванка Василевска, пак, пријавила стан во Центар од 99 квадратни метри со симболична вредност од само 1 денар.
Левица прашува зошто ДКСК дозволува вакво очигледно непочитување на законот, предупредувајќи дека со ова се поткопува довербата во институциите и се охрабрува прикривањето на вистинската имотна состојба на функционерите.
Партијата најави дека во наредниот период ќе објавува нови неправилности со цел да ја поттикне ДКСК на вистинско постапување.
„Бараме итна ревизија на анкетните листови и процесуирање на сите кои пријавиле неточни или лажни податоци“, се вели во реакцијата на Левица.