01 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Лебот почнува да поскапува во повеќе градови низ државата, а во дел од пекарниците зголемувањето на цените веќе е реалност. Во Штип, Кочани, Прилеп и Битола се очекува од утре да се зголемат цените на одредени видови леб, додека во некои пекарници тоа веќе е направено.
Според информациите од терен, цената на белиот леб од 450 грама во дел од пекарниците ќе се зголеми за 3 до 5 денари. Овие информации стигнале и до Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, но оттаму нагласуваат дека секоја пекара самостојно носи одлука за ценовната политика.
„Имаме информации дека одредени пекарници, без разлика дали се наши членки или не, ги зголемиле цените. На пример, во Битола една пекара веќе го зголемила лебот, додека дел од малите пекарници во Штип не се одлучиле на ваков чекор, без јасно објаснување. Сепак, информациите циркулираат и ние ги следиме. Оваа криза директно влијае врз трошоците за производство на леб и други пекарски производи. Доколку продолжи, растот на цените е неизбежен“, изјави Горан Малишиќ од мелничко-пекарската индустрија.
Тој додава дека секој производител индивидуално ќе одлучи дали ќе ги зголеми цените, во зависност од сопствената проценка и финансиска состојба.
Според Малишиќ, дополнителен притисок врз цените создава и актуелната геополитичка ситуација, особено конфликтот на Блискиот Исток, кој влијае врз снабдувањето со суровини, производството и дистрибуцијата.
„Сè зависи од залихите што ги имаат компаниите и од тоа колку новите набавки ќе влијаат врз цените. Зголемувањето на трошоците е над 10 проценти, а тоа директно се одразува врз трите главни сегменти – снабдување, производство и дистрибуција. Очекувањата се дека цените ќе се движат во таа насока, но не може прецизно да се каже колку ќе изнесува поскапувањето бидејќи тоа зависи од секоја компанија поединечно“, нагласи Малишиќ.
Поскапувањето на лебот доаѓа по веќе регистрираното зголемување на цените на маслото за јадење, јајцата, како и овошјето и зеленчукот. Експертите предупредуваат дека растот на цените на горивата може дополнително да ја засили инфлацијата и да доведе до нови корекции на цените на основните прехранбени производи.
Бизнис-заедницата апелира до Владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните. Од Владата, пак, велат дека состојбата внимателно се следи и дека ќе се реагира соодветно доколку има потреба од нови интервенции.
Крвав инцидент во Прилепскиот затвор: Осуденик нападнал цимер со остар предмет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

