Лажните дипломи – јавна тајна што конечно добива институционален одговор
Министерката за образование и наука на Република Северна Македонија, Весна Јаневска, во своето неодамнешно излагање остро се осврна на проблемот со лажните дипломи и неквалитетните високообразовни институции. Според неа, ова прашање е одамна познато во јавноста, но досега ретко се третирало сериозно и институционално.
„Јавна тајна е, луѓето отворено зборуваат кога се наоѓаат во приватен круг, дека се стекнале со такви дипломи“, изјави Јаневска, но додаде дека доказната постапка е сложена бидејќи во повеќето случаи и двете страни се соучесници во делото – и оној што издава и оној што ја добива дипломата.
Затворени 13 институти, уште 13 под мониторинг
Јаневска соопшти дека досега се затворени 13 научни институти, а уште 13 се под силен мониторинг. Одлуките се резултат на процес на проценка и анализа на реалните капацитети и исполнување на законски критериуми.
„Можеме легално да затвораме институти и затворивме 13. Ќе видиме колку од тие под мониторинг ќе бидат затворени“, додаде министерката.
Дополнително, затворена е и една медицинска студиска програма, а се подготвува и затворање на уште една. „Сè уште го докомплетираме процесот, зашто не би сакала да не биде процедурата како што треба. Ќе продолжиме во истиот правец“, потенцира Јаневска.
Правна рамка и недостатоци
Министерката посочи дека постојат правни недоречености кои го отежнуваат процесот на санкционирање и контрола. Таа најави дека е неопходна измена на повеќе закони, вклучувајќи ги Законот за високо образование, Законот за научно-истражувачка дејност и Законот за иновации, како и ревизија на надлежностите на Агенцијата за квалитет во високото образование (АКВО).
„Има нешта што не се направени во минатото – како што се редовните евалуации од страна на АКВО. За да го затвориме процесот, мора да направиме системски измени“, истакна Јаневска.
Самоиницијативно затворање
Интересен е фактот што, според министерката, по почетокот на институционалната контрола, некои институти сами поднеле барање за затворање, свесни дека не ги исполнуваат критериумите. Тоа, според неа, е показател дека процесот веќе има ефект и предизвикува одговорност.