Ладен туш за Мицкоски од Кошта: Без Бугарите во Уставот нема ЕУ
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска од Скопје испрати јасна и недвосмислена порака до македонските власти: нема напредок во евроинтеграциите без исполнување на веќе преземените обврски, меѓу кои е и уставното внесување на Бугарите. На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Кошта потврди дека оваа точка претставува црвена линија за Европската Унија.
„Тоа што е договорено во 2022 година е и денес валидно. Сега треба да се испорача она што е договорено – нема друг пат“, порача Кошта, отфрлајќи можност за алтернатива и нагласувајќи дека „нема план Б“.
Кошта го охрабри премиерот Мицкоски да вложи максимални напори за земјата да продолжи на патот кон членство во ЕУ. Тој потсети дека планот А е јасен – исполнување на копенхашките критериуми и политичките обврски кои произлегуваат од заклучоците на Европскиот совет.
„Разбирам дека веќе се направени големи чекори – сменето е името, знамето, направени се уставни измени. Но сега мора да се исполнат и останатите обврски. Ова е процес кој премногу долго трае, време е за конкретни резултати“, истакна Кошта.
Во неговите обраќања, Кошта ја повтори пораката дека Европската унија останува посветен партнер и дека нема да има нови услови или барања – но дека исполнувањето на договореното е неприкосновено. Тој ја нагласи и важноста на регионалната соработка и инфраструктурните проекти како Коридорите 8 и 10, како дел од европската поддршка за интеграцијата на Македонија.
„Ги поздравуваме напорите што Република Северна Македонија ги направи досега. Сега е време за резултати. Мицкоски знае дека може да смета на мене и на ЕУ за поддршка, но тоа што е договорено – мора да се исполни“, заврши Кошта.
Овие пораки доаѓаат во момент на зголемен политички притисок околу процесот на уставните измени и перспективата на земјата во ЕУ. Позицијата на Брисел е сè појасна: без вклучување на Бугарите во Уставот, Македонија нема да го отвори следниот кластер од преговорите.