Кузеска: Власта со инспекции врши притисок врз градоначалниците на СДСМ
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска алармираше дека непосредно пред локалните избори, институциите под контрола на владејачката партија ДПМНЕ координирано вршат притисок врз градоначалниците на СДСМ. Според неа, сите можни инспекциски служби, сектори под Министерството за внатрешни работи, инспекторати и други институции се мобилизирани за да вршат интензивни контроли само во општините раководени од СДСМ.
– Власта оди дури и до таму што врши притисоци врз членовите на потесните семејства на градоначалниците преку незаконски прераспределби од нивните работни места во други градови, изјави Кузеска. Таа нагласи дека притисокот е селективен и насочен исклучиво кон општините каде што градоначалниците се од СДСМ, додека, како што рече, во општините под контрола на ДПМНЕ нема никакви контроли.
Кузеска овој тренд го оцени како класичен пример за злоупотреба на државните институции за партиски цели и најави дека СДСМ ќе ги искористи сите расположливи механизми, како на домашен така и на меѓународен план, за заштита на интегритетот на нивните градоначалници и за обезбедување услови за работа без притисок и закани.
– Ги повикуваме сите надлежни институции, како и меѓународната заедница, да го следат внимателно овој процес и да застанат во одбрана на демократските стандарди во земјава, додаде Кузеска.