Кузеска: Излегувањето на Таравари ја разобличи нефункционалноста на Владата
Излегувањето на Арбен Таравари од владината коалиција јасно ја потврдува нефункционалноста на актуелната Влада, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во емисијата „Отворено“ на телевизија 24.
Според Кузеска, овој потег на Таравари е само уште една потврда за внатрешните поделби и несогласувања во владината коалиција, кои според неа, не се од идеолошки или програмски карактер, туку од бизнис и лични интереси.
„Станува збор за поделба на функции, тендери, провизии и несогласувања околу тие интереси. Самите признаваат дека можеби станува збор за некакви бизнис релации. Владата беше концентрирана на овие работи, наместо на реализација на програмата“, нагласи Кузеска.
Таа додаде дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет месеци покажала целосна незаинтересираност за потребите на граѓаните, особено во однос на нивниот животен стандард.
„Цените во маркетите се зголемени за 60%, без никаква контрола, а за зголемување на минималната плата владата ги остави работниците и работодавачите сами да се договараат. Културните работници Велигден го дочекаа без плата, додека министерот ги троши државните пари по ресторани – што се потврди со јавно достапни документи“, рече Кузеска.
Како уште еден показател за отуѓеноста на владата од реалните проблеми на граѓаните, таа ја посочи и изјавата на министерката за финансии која се чудела како семејство со деца троши 13 литри млеко месечно, а овошјето го нарекува „луксуз“. Во исто време, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повикува младите на рани бракови и многудетни семејства, додека синдикалната минимална кошничка се пресметува за само тричлено семејство.
„Сето ова покажува дека Владата не само што не ги исполнува ветувањата дадени пред граѓаните, туку и не испорачува никакви резултати“, заклучи Кузеска.