16 март 2026
• од Методи Петров
Група оштетени граѓани поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против Зоран Витанов и неколку засега непознати маркетери поврзани со компанијата „Мајворлд“ (MyWorld). Пријавата се темели на основано сомнение за сторено продолжено кривично дело – измама, извршена преку координиран систем за прибирање средства кој, според подносителите, функционирал спротивно на законските прописи и етичките правила на самата компанија.
Според информациите наведени во пријавата, постојат сериозни индиции дека од Македонија се одлеани девизни средства во износ од најмалку 120 милиони евра. Бројот на лица кои се чувствуваат измамени се проценува на неколку илјади, додека штетата кај досега евидентираните оштетени лица, според нивните тврдења, го надминува прагот за изрекување на највисоката затворска казна предвидена во Кривичниот законик за ваков вид кривично дело.
Во поднесената пријава е приложена обемна документација за која подносителите велат дека укажува на организирано и систематско прибирање средства од граѓаните. Меѓу доставените докази се документирани банкарски уплати од оштетените лица, како и бројни видео и аудио записи кои, според нив, го поткрепуваат обвинението.
Дополнително, се наведуваат и индиции за исплата на високи провизии кон пријавеното лице и кон група поврзани маркетери. Подносителите на пријавата предложиле и сведочења од поголем број оштетени лица кои се подготвени да дадат изјави пред надлежните институции.
Со оглед на обемот на случајот и сомневањата за координирано дејствување на повеќе лица, од Јавното обвинителство се бара да ја утврди точната правна квалификација на делото, вклучително и можноста за постоење на злосторничко здружување.
Оштетените граѓани исто така бараат итно преземање привремени мерки за обезбедување на имотот на пријавените лица. Во таа насока се предлага замрзнување на нивниот имот и банкарски сметки, со цел да се обезбедат средства за евентуално идно обештетување на жртвите, доколку се утврди одговорност.
Воедно, групата граѓани упати јавен повик до сите лица кои сметаат дека се оштетени од овој систем или располагаат со релевантни информации, да се приклучат кон иницијативата и правната постапка.
За таа цел е објавена контакт-адреса (pravda.myworld.mk@gmail.com), при што иницијаторите нагласуваат дека на сите пријавители им се гарантира целосна анонимност и заштита на личните податоци.
Од иницијативата најавуваат дека и во иднина транспарентно ќе ја информираат јавноста за текот на постапката и за сите нови информации поврзани со овој случај.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

