Костова: Владата со очајни економски резултати, животниот стандард на историско дно
Во своето последно интервју за порталот Фронтлајн, потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Кристина Костова, остро ја критикува работата на актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи ја како катастрофална на економски план.
Костова предупредува дека Владата покажува „тотална негрижа“ за економската состојба и животниот стандард на граѓаните. Според неа, граѓаните секојдневно се соочуваат со растечка сиромаштија, доцнење на платите и изостанување на конкретни мерки за подобрување на социјалната положба.
„Тоа е највидливата слабост на долгиот список нивни недостатоци. Народот тоне во сиромаштија, не се исплаќаат плати навреме, Владата одбива да ја покачи минималната плата на 500 евра, што е минимум за пристоен живот“, изјави Костова.
Таа го обвинува владејачкото мнозинство за расипничко однесување и злоупотреба на државниот буџет, наведувајќи примери на „луксузирање“ преку скапи патувања во странство и купување егзотични производи, додека економските показатели укажуваат на влошување.
„Додека индустриското производство и извозот паѓаат, а странските инвестиции се повлекуваат, Владата троши народни пари на патувања во бизнис класа, прескапи хотели, егзотични овошја. Нема никаков придонес од тие патувања – само празен луксуз“, нагласува Костова.
Според неа, економските проекции на Светска банка дополнително ја потврдуваат загриженоста, со најнизок очекуван раст во регионот за Македонија.
Во заклучок, Костова оценува дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ има „најслаб старт и најмногу скандали во толку краток период“, додавајќи дека таа е фокусирана на себе, а не на решавање на реалните проблеми на граѓаните.