Костова: СДСМ нуди решенија за подобрување на стандардот на граѓанитe!
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) активно работи на враќање на довербата и поддршката од граѓаните преку понуда на реални и конкретни решенија кои имаат за цел подобрување на животниот стандард, како и функционалноста на локалната и централната власт. Ова го изјави потпретседателката на партијата, Кристина Костова, во интервју за порталот Фронтлајн.
Костова потенцира дека делувањето на СДСМ не се базира на празна критика, туку на конструктивен пристап и решенија кои се во интерес на сите граѓани. Таа ја нагласи разликата во однесувањето на СДСМ во споредба со минатото делување на ВМРО-ДПМНЕ, кога тие биле во опозиција.
„Ние нудиме конкретни мерки како зголемување на минималната плата на 500 евра и намалување на цените на основните производи. Исто така, се залагаме за деблокирање на евроинтегративниот процес, со што сакаме да ја придвижиме Македонија напред“, истакна Костова.
Таа додаде дека и покрај тоа што СДСМ во моментот е во опозиција, партијата останува посветена на интересите на државата и нејзините граѓани. Според неа, ваквиот пристап ќе биде препознаен и вреднуван од страна на јавноста.
СДСМ, како што нагласи Костова, продолжува да работи на понатамошен развој на политики кои ќе го подобрат секојдневниот живот на луѓето, покажувајќи дека вистинската политика се води со идеи и визија, а не со конфронтација.