Каранфилова-Пановска: Европа е реална можност за подобар живот, но земјата е ставена во авто-блокада
На трибината „За Европа сега и одма“ што се одржа во Куманово, во организација на Социјалдемократската младина, заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, упати критики до актуелната власт, посочувајќи дека и покрај реалната можност за напредок преку европските интеграции, Македонија е ставена во, како што рече, „авто-блокада“.
„Европа не е само некаков симбол, туку реална можност за подобар живот. Но за жал, власта нема желба за исчекор. Не го користиме тоа што ни се нуди“, изјави Каранфилова-Пановска, потенцирајќи ги можностите што Европската унија ги нуди преку Планот за раст и реформската агенда. Според неа, овие фондови, кои се дополнителни на ИПА-средствата, се од клучно значење за реформи, инвестиции и приближување кон стандардите на ЕУ, што директно ќе влијае на квалитетот на животот на граѓаните.
„Зошто да земеме унгарски кредит од една милијарда евра, кој ќе го враќаме со камати, без јасни услови и пресметани трошоци, кога имаме достапни средства од ЕУ фондовите?“, праша таа, нагласувајќи ја потребата од рационален и одговорен пристап кон финансиите и интеграциите.
Во нејзиното обраќање, Каранфилова-Пановска упати апел за одговорност и ангажман до сите политички актери, посочувајќи дека Македонија, според преговарачката рамка, може да ги заврши преговорите со ЕУ за три до четири години, доколку постои политичка волја.
Таа потсети дека во периодот од 2017 до 2024 година, Владата предводена од СДСМ го обезбедила отворањето на пристапните преговори, но сега процесот е во застој. „Имаме владејачко мнозинство кое може да го направи исчекорот, но државата е ставена во стагнација поради политички калкулации“, рече таа.
Каранфилова-Пановска предупреди дека доколку земјата не го фати европскиот чекор, постои ризик да остане заглавена на исто ниво со Косово и Босна и Херцеговина, додека другите земји од регионот – Албанија и Црна Гора – продолжуваат кон полноправно членство во Европската унија.
На крајот, таа ја потврди заложбата на СДСМ за европска интеграција и ги повика сите политички фактори да дадат свој придонес во интерес на граѓаните и иднината на државата.