Ивон Величковски: Дали Москва и Белград ја туркаат С. Македонија надвор од ЕУ?
Навидум „од ведро небо“, а всушност со длабоки политички и правни импликации, Уставниот суд на Северна Македонија ја укина владината согласност за основање на „Медресата Иса Беј“, исламското верско средно училиште формирано од Исламската верска заедница (ИВЗ). Иако оваа одлука помина без сериозни јавни реакции, таа отвора важни прашања – не само за статусот на учениците во Медресата, туку и за иднината на другите верски образовни институции, како што е Богословијата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), формирана уште во 1967 година.
Овие случувања повторно ја ставаат на тест секуларноста на државата, еднаквоста на верските заедници и суштинското право на слобода на вероисповед. За мултиетничка и мултиконфесионална земја како Северна Македонија, која е дом на христијани (православни, католици, протестанти) и муслимани, постоењето на едуциран клер е клучно. Таквиот кадар, кој се формира токму преку верски образовни институции, е гаранција дека верската пракса ќе се одвива во согласност со традицијата, без да биде препуштена на радикални или „увезени“ влијанија, било од Блискиот Исток или од Кавказ.
Но, последните одлуки и однесувањето на институциите откриваат поширока, опасна тенденција. Македонската православна црква, поставена во наративот што ѝ го одреди Српската православна црква (СПЦ) со т.н. „Томос“, сè повеќе се гледа како продолжение на Руската православна црква (РПЦ). Особено по средбите на српскиот патријарх Порфириј со рускиот патријарх Кирил и самиот Владимир Путин, СПЦ се нуди како балканска рака на „рускиот свет“ – концепт кој ги опфаќа Република Српска, Косово, Црна Гора, па и Северна Македонија.
Оваа линија на дејствување, вклучувајќи го и последното одлучување на Уставниот суд, се вклопува во пошироката матрица на одлуки со етничка и сега и со религиска позадина: проблематизирање на употребата на јазиците, застој во етничката застапеност во Армијата и извршната власт… Тоа создава впечаток на враќање кон духот на стариот, пост-газиместански модел на управување, каде етничките права и постигнувања се под постојана закана.
Интересно, сето ова кулминира токму во момент кога Северна Македонија треба да покаже решителност за евроинтеграции. Обидите вината за застојот да се префрли на Бугарија се издишаа, особено по неодамнешната посета на португалскиот премиер Антониу Кошта во Софија, по која стана јасно дека до 2030 година членството во ЕУ зависи само од исполнување на обврските од преговарачката рамка.
Тоа подразбира владеење на правото, борба против корупцијата, расчистување со олигархијата, финансиска дисциплина и одржливост. Партиските апарати и тендерските шеми, кои се финансираат со нови задолжувања (како, на пример, со унгарските кредити), се директна пречка за тоа. А банките низ кои се перат нечистите пари се само уште еден доказ за длабочината на проблемот.
Во вакви услови, властите и нивните медиумски поддржувачи се обидуваат да ја пренасочат јавната дебата: од „контра Бугарите и Грците“, кон „контра Албанците“, користејќи стари шаблони на поделби за да го прикријат суштинскиот застој и неспособноста за реформи.
Но, реалноста е дека ЕУ веќе не го купува наративот за „глумење реформи“. Времето за спектакли во Берово, Прилеп или Струга е завршено; сега е моментот за конкретни, вистински промени. И ако тие изостанат, цената повторно ќе ја платат – како и секогаш – обичните Македонци.
автор: Ивон Величковски