04 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
И покрај тоа што истражната постапка за злоупотреба на ИПАРД-средствата е целосно завршена и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција веќе поднесе обвинение, европските средства наменети за поддршка на земјоделците и натаму остануваат замрзнати. Ова создава неизвесност околу планираните инвестиции, особено ако се има предвид дека земјоделците претходно мораа самостојно да обезбедат 50 отсто од средствата за да можат да ги добијат преостанатите пари од ИПАРД-програмата.
Главниот ревизор за ИПА-средствата во Државниот завод за ревизија, Милаим Абдураими, изјави дека ИПАРД-средствата сè уште не се одблокирани. Според него, контролата на начинот на исплата и утврдувањето на слабостите во системот, која паралелно со истрагата ја спроведува Министерството за финансии, е при крај и се очекува средствата наскоро да бидат ослободени.
Контролата беше иницирана по избувнувањето на скандалот со примање мито, во кој е инволвиран сега обвинетиот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилов, кој беше фатен во ноември минатата година. Од Министерството за финансии појаснуваат дека проверката на системот за исплата била покрената самоиницијативно, а не по барање на Европската Унија, со цел да се идентификуваат евентуалните слабости во постапката.
И покрај тоа, средствата и до денес остануваат блокирани.
По завршувањето на истражната постапка, јавен обвинител од ОЈО ГОКК поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против едно лице за кривичните дела „Давање поткуп“ и „Давање награда за противзаконито влијание“, против три лица за „Примање награда за противзаконито влијание“, како и против директорот на Агенцијата, Илија Стоилов, за кривичното дело „Примање поткуп“.
Според обвинението, првообвинетиот, како управител на кривично одговорно правно лице, аплицирал на јавен повик за користење средства од ИПАРД-програмата. Бидејќи правното лице не ги исполнувало пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за финансиска поддршка.
Со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ целосно одобрен, управителот во повеќе наврати ветувал и давал пари. На едно раководно службено лице во Агенцијата му бил ветен подарок од 50.000 евра, додека на уште три лица им биле дадени по 5.000 евра за да го искористат своето влијание и службена положба при носењето на одлука што не смеела да биде донесена.
Обвинителството информира дека во текот на истрагата е утврдена кривична одговорност и кај уште четири државни службеници вработени во Агенцијата, против кои е поднесен обвинителен предлог за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. На кривично одговорното правно лице, пак, му се става на товар делото „Давање поткуп“.
Според обвинението, службените лица, постапувајќи спротивно на своите законски обврски, овозможиле незаконско одобрување на апликацијата, при што извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и донеле решение врз основа на некомплетна документација. Второобвинетиот, иако бил свесен дека правното лице не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.
Поради постоење на законски основи, со обвинението е поднесен и предлог за продолжување на мерките притвор за четворица обвинети, како и куќен притвор за едно лице. За обвинетите државни службеници се предложени мерки на претпазливост, меѓу кои забрана за вршење службени активности, одземање патни исправи и обврска за повремено јавување кај надлежен орган.
Со обвинителниот акт е предложено и одземање на предметите употребени при извршување на кривичните дела, односно мобилни телефони, дигитални медиуми и парични средства во износ од 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.
Од прибраниот доказен материјал произлегле и индиции за други неправилности при постапувањето со средства од ИПАРД-програмите, поради што ОЈО ГОКК отвори предистражна постапка која сè уште е во тек.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

