Интернет измама: „Македонскиот доктор“ е познат порно актер од Шпанија
Вирална објава на социјалните мрежи тврди дека извесен Стојанче Михајловски од скопското село Стајковци освоил прво место на европски натпревар за студенти по медицина и фармација. Во описот се наведува дека тој е студент по медицина, син на трговец и пекар, и дека македонските медиуми го игнорирале неговиот успех поради неговото „обично“ семејно потекло. Објавата е пропратена со фотографија од млад човек во бел мантил и предизвика лавина од реакции, со илјадници честитки и споделувања.
Но, вистината е сосема поинаква.
Вистиномер: Стојанче не постои, а ликот на фотографијата е добро познат на интернет
Сајтот за проверка на факти Вистиномер направил истражување на оваа објава и дошол до сосема различен заклучок. Прво, не постои никаква трага од најавениот „европски натпревар за студенти по медицина и фармација“. Ниту пак има некакви медиумски извештаи, ниту официјални податоци кои би ја потврдиле ваквата информација.
Второ, преку пребарување на фотографијата, откриено е дека личноста која се претставува како Стојанче од Стајковци всушност е шпанскиот порно актер Анхел Муњоз, познат под уметничкото име „Жорди Ел Нињо Пола“. Неговата фотографија во бел мантил е користена и претходно во низа лажни објави низ светот – од доктор кој измислил вакцина, до херој кој жртвувал живот за време на пандемијата.
Оваа фотографија веќе со години кружи по интернет и е користена за создавање лажни наративи во разни земји, секогаш со емоционално набиени приказни и без вистинска проверка на фактите. Колумбиските и шпанските сајтови за проверка на факти (Colombiacheck, Maldita.es) веќе имаат разобличено неколку такви објави во кои овој актер е претставен како лекар, научник, па дури и судија.
Заклучок: Класична интернет манипулација
Ниту постои Стојанче од Стајковци, ниту тој победил на некаков европски натпревар. Ова е уште еден пример за тоа како социјалните мрежи се користат за ширење лажни вести, каде што фотографии од јавни личности (понекогаш дури и порно актери) се користат за измислување сензационалистички приказни.
Апел до корисниците на социјалните мрежи: пред да поверуваат или споделат вакви објави, нека направат едноставно пребарување или проверат кај кредибилни извори. Една фотографија може да биде извор на заблуда – ако не знаете кој навистина е на неа.