07 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Интензивната нега на Универзитетската клиника за кардиологија функционира со преполовен капацитет – само 9 од предвидените 18 кревети се во употреба, поради долгогодишно и сè уште незавршено реновирање. Оваа состојба, според лекарски извори, сериозно го загрозува третманот на најтешките кардиолошки пациенти од целата држава.
Еден од изворите, кој инсистира на анонимност, за „Слободен печат“ вели дека е „криминално“ речиси една година да се реновира половина оддел за интензивна нега, оставајќи ја цела Македонија со минимален капацитет за згрижување на животозагрозени срцеви пациенти.
„Во земјава постојат само две целосно функционални и опремени единици за интензивна нега – КАРИЛ и интензивната нега на Кардиологија. Да се остави државата со само 9 кревети за вакви пациенти е тежок системски пропуст. Пациенти чекаат по други болници, интервенции како поставување стентови се одложуваат по неколку дена, а тоа директно резултира со трајни оштетувања на срцето и со зголемен број пациенти со срцева слабост“, предупредува изворот.
Тој додава дека поради недостигот од места, се врши притисок за побрзо испразнување на креветите, со што се скратува неопходниот интензивен надзор, а дел од пациентите подоцна повторно се враќаат со компликации.
„Ако ова не е загрозување на јавното здравје, тогаш навистина не знам што е“, вели тој.
Други извори од Клиниката, исто така под услов на анонимност но со познат идентитет на редакцијата, тврдат дека состојбата е сериозна, но дека не може да се зборува за системски пропусти во третманот.
Според нив, и покрај тоа што интензивната нега работи со половичен капацитет, пациентите се третираат согласно важечките медицински протоколи и досега нема документирани здравствени последици. Како исклучок го наведуваат само периодот од околу 24 часа, пред една недела, кога одделението било целосно затворено поради неопходна дезинфекција од бактерии, а пациентите биле пренасочувани во други установи.
Тие објаснуваат и дека реновирањето било во застој откако новата директорка побарала ревизија на проектот, но дека на неодамнешен лекарски колегиум било соопштено дека проектот е повторно одобрен и работите ќе продолжат. Дополнително, посочуваат дека постојат и 6 кревети за пост-интензивна нега.
„Слободен печат“ испрати официјални прашања до Клиниката за кардиологија, до Министерството за здравство и ја контактираше директорката д-р Даница Петкоска Спирова. Прашањата се однесуваа на времетраењето на реновирањето, реалните капацитети, протоколите за препраќање на пациенти, наводите за предвремени исписи и дали ваквата состојба го загрозува правото на пациентите на соодветен третман.
Од ЈЗУ Универзитетската клиника за кардиологија одговорија дека реновирањето на Одделот за интензивна нега е во надлежност на Министерството за здравство, односно на Проектната единица.
„Третманот на пациентите се одвива согласно важечките протоколи и стандарди. Одлуките за прием, хоспитализација и испис се носат исклучиво врз основа на медицинска проценка од стручен тим, водејќи се од начелото на максимална безбедност на пациентите. Досега нема претставка од пациент, ниту од Државниот санитарен инспекторат“, наведуваат од Клиниката, додавајќи дека ваквите тврдења ја нарушуваат довербата во јавното здравство и угледот на лекарите.
За сите дополнителни детали, од Клиниката упатија на Министерството за здравство, од каде до моментот на објавување – нема одговор.
На официјалната веб-страница на болницата е наведено дека Одделот за интензивна нега располага со 18 кревети, централен мониторинг за 24-часовно следење, 13 лекари и специјалисти, 8 апарати за механичка вентилација, како и современа дијагностичка опрема. Сепак, според повеќе извори, во функција се само 9 кревети, додека половина од одделот подолг период е недостапен.
Интензивната нега на Кардиологија е наменета за најтешките случаи – акутни срцеви удари, тешка срцева слабост, опасни нарушувања на срцевиот ритам и други животозагрозувачки состојби, каде секое одложување може да значи трајна инвалидност или загуба на живот.
Додека институциите си ја префрлаат одговорноста, реновирањето останува во сенка, а јавноста без одговор на клучното прашање: колку долго државата ќе функционира со половина капацитет за згрижување на најтешките срцеви пациенти.
Возачите на ЈСП ќе ги плаќаат казните од свој џеб за сообраќајни прекршоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

