11 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Системските слабости, непрофесионализмот и партизираното вработување во институциите се меѓу главните причини поради кои во државата се случуваат трагедии поврзани со семејното и родово базираното насилство. На ова укажува Габриела Илиевска од иницијативата „Поинаку“, која смета дека проблемот е резултат на долгогодишно натрупување на слабости во институционалниот систем.
Според Илиевска, во Македонија повеќе од две децении се гради систем кој постепено се полни со непрофесионализам, што денес јасно се одразува во функционирањето на институциите.
„Македонија повеќе од 20 години наназад има систем кој се трупа со непрофесионализам, па така денес го гледаме сето она што се натрупувало години наназад“, вели таа.
Таа посочува дека сериозен проблем претставува намалувањето на бројот на стручни и професионални кадри во институциите. Наместо експерти, како што нагласува, во голем број случаи се вработуваат лица по партиска линија, често без соодветни знаења и компетенции.
„Во Македонија, во сите институции – дали е тоа МВР, социјалната заштита, Министерството за здравство или судството – сè помалку се вработуваат професионалци. Имаме недостиг на професионализам, а системот е трул од т.н. партизирани вработувања, често без основни познавања“, нагласува Илиевска.
Дополнителен проблем, според неа, е неказнивоста, која со години создава недоверба кај граѓаните и чувство дека институциите не функционираат.
„Реакциите на граѓаните се бурни, а потоа ги снемува, затоа што во нашата држава никогаш никој не одговарал. Тој систем на неказнивост создава безнадежност, неверување во институциите и чувство дека сè е за џабе“, вели таа.
Илиевска додава дека насилството постои на повеќе нивоа во општеството, но многу ретко се третира како вистински приоритет од страна на институциите.
„Ваквото насилство е континуирано на сите нивоа и многу ретко се зборува за него. Никој досега не го ставил во вистински приоритети и никој не се заложил од корен да го решава ова прашање“, истакнува таа.
Според неа, доколку не се направат сериозни системски промени и не се врати професионализмот во институциите, тешко може да се очекува вистинско решавање на овие проблеми.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

