09 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Жителка на Скопје преку објава на социјалните мрежи сведочи за драматичен и вознемирувачки настан што се случил во раните утрински часови на 3 февруари. Според нејзините зборови, таа била нападната од глутница кучиња додека трчала по кејот на Вардар, во делот од Палата кон Влае.
Инцидентот се случил околу 4:30 часот наутро, кога жената излегла на утринско трчање пред работа. Најпрво неколку кучиња ѝ се приближиле и почнале да лаат, а набрзо им се приклучиле уште десетина други – мали, средни и големи. Таа застанала и се обидела да се одбрани со викање, но безуспешно.
„Уште десетина кучиња се спуштија – мали, средни, големи – едно од нив ме касна. Ми го блокираа патот и направија полукруг околу мене. Во паника решив да трчам назад. Никогаш во животот не сум трчала побрзо. Трчав, а тие ме напаѓаа околу пет минути, сè додека не се сопнав и паднав“, напиша таа во објавата.
По нападот, жената ја повикала полицијата, која пристигнала на местото на настанот. Потоа, заедно со пријателка, била пренесена во Ургентниот центар. Таа изјавила дека била касната на седум места, примила вакцина против тетанус во Здравствениот дом „8 Септември“, како и антибиотска терапија и преврски.
Покрај физичките повреди, таа истакнува дека ѝ останала и силна психолошка траума и чувство на страв. Со својата објава упати апел до институциите проблемот со бездомните кучиња да се решава систематски и итно.
„Со оваа објава сакам само да ве направам повнимателни и да се надевам дека овој проблем ќе се реши систематски што е можно побрзо. Не посакувам да се повтори“, напиша таа.
Проблемот со кучињата скитници и натаму останува една од најсериозните предизвици за градските власти. Засега нема конкретно решение што би гарантирало поголема безбедност за граѓаните, особено во раните утрински и доцните вечерни часови.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

