Хемикалии од фабриката „Екопор“ се излеале во Пинтија – Град Скопје ја казнува со 45 илјади евра
Во текот на вчерашниот ден, во скопската населба Пинтија, општина Кисела Вода, дојде до излевање на хемикалии од резервоар на објект сопственост на приватната компанија „Екопор“, која се занимава со производство на стиропор. Информацијата попладнево ја потврдија од Град Скопје преку официјално соопштение.
Според деталите од Градот, инцидентот се случил како резултат на истекување на хемикалии од вентил на опрема под притисок. Градските инспектори веднаш излегле на терен, составиле записник за хаваријата и утврдиле дека правното лице не преземало мерки за спречување на инцидентот, иако претходно било нотирано дека постојат знаци на протекување.
„Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице не преземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци“, се наведува во соопштението.
На самото место беа присутни екипи на Противпожарната бригада на Скопје со цел да го изолираат инцидентот и да спречат понатамошно ширење на штетните материи.
Поради сериозноста на ситуацијата, Град Скопје најави парична казна од 45.000 евра за компанијата „Екопор“, затворање на производствениот погон, како и обврска за санирање на сите штети предизвикани од инцидентот.
Од Градот дополнително апелираат до општина Кисела Вода, под чија надлежност се наоѓа објектот на компанијата, да постапи согласно своите ингеренции. Исто така, се повикува и Министерството за животна средина и просторно планирање да се вклучи и да преземе соодветни мерки за санкционирање на одговорните.
Останува да се утврди колкаво е реалното загадување на околината и дали има ризик по здравјето на жителите од Пинтија, додека надлежните институции ги преземаат потребните чекори за справување со последиците.