Градоначалничката Арсовска добила закани по живот – најави кривична пријава
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во видео објава на својот официјален фејсбук профил излезе со сериозни обвинувања за незаконска активност поврзана со експлоатација на коритото на реката Вардар. Според неа, фирма која работи на оваа локација не поседува никакви лиценци, дозволи, елаборати или одобренија – ниту за самата активност, ниту за користената механизација.
Арсовска истакна дека ваквата пракса претставува потенцијална опасност за здравјето и безбедноста на граѓаните на Скопје. Таа нагласи дека институциите ќе бидат информирани и дека ќе се бара одговорност за, како што рече, „дивеењето во природното богатство на градот“.
Покрај тоа, градоначалничката обелодени дека поради нејзиниот ангажман добила сериозни закани по својот живот и по животот на нејзиното семејство. Според нејзините тврдења, заканите биле изречени пред сведоци, поради што најави дека ќе поднесе кривична пријава против лицето Ќ.О. и неговите соработници.
Арсовска апелираше за итна реакција од надлежните органи и подвлече дека нема да отстапи од борбата против незаконското и опасно однесување кое, според неа, ја загрозува безбедноста на градот и неговите жители.