26 јули 2025
• од Станча Јаќимовски
По изјавите на министерот за спорт Борко Ристовски во врска со организацијата на Европската младинска олимпијада 2025, Град Скопје упати жестока реакција, обвинувајќи го Министерството и Македонскиот олимписки комитет (МОК) за целосно исклучување од процесот на организација на настанот, пренесе 4NEWS.mk.
Во соопштението, Градот потсетува дека токму тие биле клучни во добивањето на организацијата на Олимпијадата:
„Град Скопје помогна Македонија и главниот град да ја добијат организацијата на Европската младинска олимпијада 2025“, се наведува во реакцијата.
Сепак, по одлука на претседателот на МОК, Даниел Димески, организацијата била преземена во соработка со Министерството за спорт, при што дел од програмата бил префрлен во Куманово. Од Градот тврдат дека не само што не биле вклучени во подготовките, туку не добиле ни покана за церемонијата на отворање.
„Цела година МОК и Министерството ја организираат Олимпијадата сами, без никакво учество на Градот. Не само што не бевме вклучени во подготовките, туку не добивме ни покана за отворањето“, стои во соопштението на Град Скопје.
Тие сметаат дека актуелните критики и обвинувања кон локалната власт се обид да се префрли одговорноста за организациските пропусти, кои според нив, станаа очигледни и за меѓународната спортска јавност.
„Срамот е ваш, носете си го сами и сликајте се“, порачуваат од Градот, завршувајќи со јасна порака до министерот Ристовски и до раководството на МОК.
Срамни услови во Скопје – Жестока критика од Италијанската теквондо федерација