24 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Откако судија на претходна постапка му одреди куќен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, во јавноста следуваа бројни реакции насочени кон судот. Сепак, според законската процедура и информациите со кои располага „Фокус“, клучната одлука во однос на мерката за обезбедување произлегува од ставот на скопското јавно обвинителство, а не од самостојна проценка на судот.
Во текот на денот, одбраната на осомничениот доставила предлог до судот за замена на мерката притвор со куќен притвор. Согласно законската постапка, предлогот бил проследен до надлежното јавно обвинителство за да се произнесе.
Од таму било доставено позитивно мислење, со кое обвинителството се согласило со предлогот за поблага мерка. Дополнително, на самата расправа јавниот обвинител предложил определување поблага мерка за обезбедување од претходно определената.
Со оглед дека обвинителството ја води истрагата и согласно своите законски овластувања оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на постапката, судот нема можност да изрече построга мерка од онаа што ја бара обвинителството.
Врз основа на доставеното позитивно мислење и предлогот од јавниот обвинител, судот го сослушал осомничениот во присуство на негов бранител и донел решение за замена на мерката притвор со куќен притвор со 24-часовен надзор.
Надзорот е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително е изречена и мерка на претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница, информираа од Кривичниот суд.
Како што дознава „Фокус“, предметен обвинител во случајот е обвинителот Даниел Коцев, додека негов непосреден раководител е обвинителот Анел Фидоски, кој неодамна беше избран за раководител на најголемото обвинителство во државата.
Со оглед на тоа што обвинителството дало позитивно мислење за замена на притворот со куќен притвор, одговорноста за ваквиот исход, според правната рамка, паѓа токму на обвинителскиот тим кој ја води истрагата, а не на судот кој постапува во рамки на поднесениот предлог.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

