01 март 2026
• од Гоце Кически
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање за нападите на Соединетите Американски Држави врз Иран, изјави дека САД се стратешки партнер на Македонија и дека, според него, интервенцијата следувала по исцрпување на сите дипломатски механизми.
„Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер и тие, откако ги исцрпија сите дипломатски механизми на преговори, настапија кон таков еден напад кон Иран и сметам дека таквиот напад и сè што се прави е во истиот контекст како што беше направена интервенцијата во Венецуела, а тоа е за доброто на иранскиот народ, како што беше и за доброто на народот во Венецуела“, изјави Филипче.
Тој додаде дека очекува деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите во регионот.
Во своето обраќање, Филипче упати сериозни критики кон актуелната власт во Македонија, оценувајќи дека таа покажува карактеристики слични на авторитарните режими со кои, како што рече, САД се справуваат.
„Добро е да се каже дека Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер, треба да знаат дека овде во нашава земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими“, нагласи тој.
Според Филипче, власта ја турка државата во изолација, иако европската интеграција претставува стратешки интерес не само за Македонија, туку и за САД и за целиот регион. Тој изрази загриженост и за контактите на високи владини функционери со структури блиски до рускиот претседател Владимир Путин.
„Вториот човек на Владата не ги крие контактите со Ноќните волци, луѓе блиски до рускиот претседател Путин. Целосна е тотална партизација на правосудството. Премиерот именува, назначува, елиминира обвинители на телевизија. Очигледно е влијанието и партизирањето на судството“, изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ се осврна и на случајот со враќањето на Артан Груби, оценувајќи дека политички договори во кои судството и обвинителството се послушници не се во интерес на државата. Според него, најавите од премиерот дека ќе го пречека на граница, додека институциите игнорираат сериозни безбедносни прашања, испраќаат лоша порака.
Филипче посочи и на, како што рече, трансфер на пет тони дрога преку граница, за кој оцени дека не може да се случи без знаење на власта.
Тој ја обвини владата и за гушење на слободата на говор преку контрола и влијание врз медиумите, ширење дезинформации и носење резолуции со кои се ограничува просторот за опозицијата во парламентот.
Дополнително, Филипче предупреди на системска корупција, тврдејќи дека стотици тендери се доделени на фирми блиски до врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ја оцени актуелната извршна власт како „терминално неспособна“, без визија и капацитет за управување со државата.
Во однос на Советот за безбедност, Филипче рече дека е позитивно што се разговара за актуелните состојби, но ја повика претседателката на државата да обрне внимание на состојбата во Армијата.
„Меѓу другото, добро е претседателката да ја покрене и темата зошто, како врховен командант на Армијата, има шуга по касарните“, изјави Филипче.
Со ова, лидерот на опозициската СДСМ испрати порака дека, покрај надворешнополитичките предизвици, земјата се соочува и со сериозни внатрешни проблеми кои, според него, бараат итно институционално справување.
ИДФ: Елиминирани лидери на „иранската терористичка оска“ во ескалација на конфликтот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

