Филипче од Штип: Луѓето се чувствуваат заборавени, СДСМ ќе биде вистинската алтернатива
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес преку објава на својот Фејсбук профил го пренесе впечатокот од посетата на Штип, каде заедно со потпретседателката Кристина Костова се сретна со граѓани и партиски членови.
„Од луѓето слушнав дека тешко се живее, цените растат секој месец, сметките стануваат неподносливи, а платите остануваат исти или едвај се поместуваат“, напиша Филипче, посочувајќи дека граѓаните се чувствуваат напуштено и заборавено од страна на актуелната власт.
Филипче остро ја критикуваше Владата, за која рече дека за неполна година целосно ја изгубила врската со реалноста. Наместо конкретни резултати, според него, се нудат „замајување“ и „луксузирање на грбот на граѓаните“, додека одговорноста изостанува.
Лидерот на СДСМ најави активна теренска работа на партијата со цел да се слушнат проблемите на граѓаните одблизу, да се учи од нив и да се изгради вистинска политичка алтернатива. „СДСМ ќе се обедини и ќе се врати на победничките патеки затоа што оваа Влада не испорача ништо од ветеното“, додаде тој.
Филипче на крајот упати благодарност до граѓаните на Штип за поддршката, истакнувајќи дека СДСМ останува блиску до народот и решен да се избори за подобар живот за сите.