Филипче од Неготино: Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет и идеја за водење на државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со општинската организација на партијата во Неготино остро ја критикуваше актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ. Според него, владата нема ниту капацитет ниту идеи за успешно водење на државата, а резултатите од нивното владеење се катастрофални.
„Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ имаат катастрофални резултати, имаат катастрофален начин на владеење. Владата работи спротивно на државните и на националните интереси и не прави ништо добро за државата,“ изјави Филипче.
Тој нагласи дека анкетите на СДСМ покажуваат сериозен пад на поддршката за владејачката партија, особено во последните два месеци.
„За кратко време, една толку моќна влада со скоро две третини во Собранието, така сериозно да потфрли може да значи само две работи: дека немаат капацитет и дека воопшто немаат идеја да направат нешто добро за државата,“ додаде Филипче.
Филипче ја осуди и стратегијата на владата, обвинувајќи ја дека се обидува да ја изолира јавноста од реалните проблеми.
„Што сака Владата да направи? Да нѐ затвори во еден меур. Таа да продава приказни како тука добро се живее и како тие добро работат за граѓаните,“ рече тој.
Критики упати и кон економската политика, посочувајќи дека владата манипулира со економските податоци, додека граѓаните се соочуваат со раст на цените и стагнација на платите.
„Нема никакви економски политики. Луѓето тоа го чувствуваат. Гледајте ги цените и платите, колкава дискрепанца има. Луѓето мака имаат, едвај врзуваат крај со крај,“ изјави Филипче.
Особено загрижувачки, според лидерот на СДСМ, е трендот на иселување на младите од државата.
„Загрижувачки е трендот на иселување на младите. Јас работам со студенти, 90% од нив учат германски јазик и се подготвуваат да си заминат од државата,“ предупреди Филипче.
Со овие изјави, Филипче испрати јасна порака до јавноста и до својата партија за потребата од промени и посериозен пристап кон актуелните предизвици со кои се соочува државата.