06 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21, постави прашања во врска со разговорите што премиерот Христијан Мицкоски ги имал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, особено во контекст на државното име и позицијата на Северна Македонија во Алијансата.
Филипче праша дали премиерот на средбата со Руте го користел уставното име на државата и дали му соопштил дека има намера да го врати претходното име – Поранешна Југословенска Република Македонија – како и дали разговарале за можноста земјата да излезе од НАТО.
„Што разговарал премиерот Мицкоски со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте? Дали го користел уставното име и дали му кажал дека ќе го враќа претходното име и дека Македонија ќе излезе од НАТО? Или сега е свесен за бенефитите што државата ги има од тие политики со кои не се согласуваше додека беше во опозиција“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека е важно граѓаните да знаат кој е кредибилен во своите политички ставови, додавајќи дека јавноста внимателно ги следи политичките изјави и дека не може повторно да биде доведена во заблуда.
Во интервјуто, Филипче истакна и дека раководството на НАТО внимателно ги следи случувањата во Северна Македонија, особено во контекст на геополитичките односи.
Тој се осврна на изјавата на генералниот секретар Марк Руте дека Иран се позиционира заедно со Русија и Кина, спротивно на интересите на САД и НАТО. Во таа насока, Филипче постави прашања и за наводни врски на поединци од власта со лица блиски до Русија.
„Што ќе кажат членовите на владата и премиерот кога секојдневно излегуваат информации дека имаат тесни врски со луѓе поврзани со Русија? Не добивме одговор кој е Душан Адамовиќ, ново поставениот конзул на Македонија во Србија, кој изјавува дека Македонија е окупирана српска територија и одржува блиски односи со Русија“, рече Филипче.
Тој дополнително ги спомена и контактите на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со „Ноќните волци“, група која, според него, има блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Филипче потенцираше дека ваквите релации отвораат сериозни прашања во контекст на стратешката ориентација на државата и нејзините обврски како членка на НАТО.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

