26 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Сител Телевизија упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за политичка недоследност и тајни договори со поранешни функционери на ДУИ.
„Мицкоски ветуваше правда, велеше дека ДУИ се криминалци, а што излезе? Се договориле со Артан Груби“, изјави Филипче.
Тој оцени дека случувањата на граничниот премин Блаце претставуваат сериозен удар врз правниот систем и довербата на граѓаните во институциите.
„Граѓаните не се ниту слепи, ниту глуви, ниту наивни. Сите видоа што се случи на граничниот премин Блаце тој ден – во државата се случи урнисување на правниот систем“, рече Филипче.
Според него, начинот на кој се одвивало враќањето на Артан Груби отвора сериозни сомнежи во јавноста.
„Се појави бегалец кој што е на листа, се појави елегантно, мирно, смирено, со наочари, со насмевка… единствено нешто што недостасуваше беше црвен килим“, изјави тој.
Филипче посочи и на, како што рече, контрадикторности меѓу институциите во врска со одлуката за домашен притвор. Тој наведе дека обвинителството соопштило оти притворот бил одреден по интервенција и сугестија на АНБ и МВР, додека директорот на затворот изјавил дека таква проценка не била направена.
„Очигледно е дека договор има. На кој насмеан сте виделе да му ставаат лисици?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека неговата партија нема страв од никакви постапки и дека секој што го прекршил законот треба да сноси одговорност, без разлика на политичката припадност.
„Кој го прекршил законот, нека одговара. Од која и да е политичка партија. Ама вакви монтирани и договорени политички дилови не носат верба во судскиот систем“, истакна Филипче.
Тој заклучи дека со партизирано судство не може да се обезбеди вистинска правда, оценувајќи дека и судството и обвинителството се под директно политичко влијание.
„Очигледно е дека и судството и обвинителството се целосно партизирани. Тоа се луѓе кои директно му одговараат на премиерот. Па кој има верба во такво судство?“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

