13 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека корупцијата е главната причина за трагедијата во Кочани во која загинаа 63 млади лица. Во интервју за неделникот „Фокус“, тој посочи дека истата појава стои и зад несреќата со падот на настрешницата во Нови Сад, Србија.
Филипче направи споредба меѓу двете трагедии, нагласувајќи дека зад нив стои истиот проблем – системска корупција. Според него, политиките на владејачките партии во двете земји, ВМРО-ДПМНЕ во Македонија и СНС во Србија, создале услови за вакви несреќи.
„Еднаш реков дека Србија има настрешница, а Македонија Кочани. Она што најмногу е заедничко е корупцијата. Таа корупција доведе до паѓање на настрешницата во Нови Сад, а изгледа дека истото доведе и до трагедијата во Кочани“, изјави Филипче.
Тој упати критики и кон премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека наместо одговорност и искрена поддршка за повредените и нивните семејства, трагедијата била искористена за политички маркетинг.
Филипче посочи дека сличен пристап имал и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој, како што рече, ја посетил болницата со голем број камери и придружба, иако повредените пациенти биле сместени на стерилни одделенија со ограничени посети.
„Замислете повредени што се на стерилни одделенија, без право на посета за да не дојде до инфекција, а тој носи цела свита заради својата кампања. Веднаш потоа Мицкоски го направи истото. Дали се свесни дека можеле да им го загрозат животот на тие пациенти? До каде оди и што ризикуваат, само заради кампања?“, изјави Филипче.
Во интервјуто, лидерот на СДСМ упати и поширока критика за функционирањето на државата под актуелната власт, оценувајќи дека институциите не функционираат како што треба.
„Овде нема држава, овде има криминална организирана група – ВМРО“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека, според него, неопходна е темелна одговорност и расчистување на причините за трагедијата во Кочани, со цел вакви настани никогаш повеќе да не се повторат.
Филипче: Мицкоски е чувар на столчето за враќање на вистинскиот шеф – Груевски
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

