20 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека не презема конкретни чекори за справување со растот на цените и економската криза.
Филипче истакна дека додека граѓаните се соочуваат со континуирано поскапување на горивата, храната и останатите основни трошоци, премиерот не покажува загриженост за состојбата. Според него, Мицкоски во изминатите денови бил на самит на Европската народна партија (ЕПП) во Брисел, на трошок на граѓаните.
„Додека цените растат од час во час, а најавено е зголемување и на цената на струјата, единствено што не расте се платите. Граѓаните живеат сè потешко, а владата не презема ништо“, рече Филипче.
Тој додаде дека наместо свикување итни владини седници за носење мерки за ублажување на кризата, владините претставници патуваат и присуствуваат на прослави во странство.
„Кога граѓаните нема да можат да ги платат ниту зголемените сметки за струја, ниту основните трошоци за живот, треба да се сетат дека премиерот бил зафатен со прослави наместо со решавање на нивните проблеми“, нагласи Филипче.
Во таа насока, тој најави дека СДСМ ќе поднесе пакет предлог-закони со цел директно намалување на трошоците за граѓаните. Меѓу предложените мерки се намалување на акцизата на горивата, намалување на ДДВ за основните прехранбени производи, како и преполовување на патарините.
„Апелираме до оваа власт да ги прифати овие законски решенија и конечно да излезе во пресрет на реалните потреби на граѓаните“, порача Филипче.
Со овие предлози, од СДСМ велат дека имаат за цел да обезбедат итно олеснување на финансискиот товар врз граѓаните во услови на зголемени трошоци за живот.
Државниот врв со честитки за Фитр Бајрам: пораки за мир, солидарност и соживот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

