Филипче апелира: ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Законот за Кочани и да не ја политизира трагедијата
СДСМ денеска ќе го достави до Собранието Законот за Кочани, со кој се предвидува финансиски надоместок и поддршка за семејствата што ги загубија своите најблиски или имаат повредени членови во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, упатувајќи јавен повик до ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот. Тој нагласи дека целта на законот не е политизација на трагедијата, туку заедничка работа за доброто на граѓаните.
„Имаше еден коментар од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат законот и искрено верувам дека тоа не е знак дека не сакаат да им се помогне на семејствата. Јавно повикувам да седнеме заедно, да го разгледаме и да го поддржиме законот. Подготвени сме, ако треба, и да се модифицира“, изјави Филипче.
Тој посочи дека ваквите моменти бараат обединување и соработка меѓу политичките партии, со цел подобрување на системот и спречување на вакви трагедии во иднина. „Предлог-законот нема за цел да ја политизира трагедијата. Ги повикувам заедно да го донесеме законот, и не сметам дека таа изјава дека нема да го поддржат е во насока на политичка конфронтација“, додаде Филипче.
Законот предвидува неколку мерки: финансиски надоместок за семејствата што изгубија свои блиски, покривање на трошоците за лекување на повредените, како и поволности за децата што поради трагедијата моментално ја пропуштаат наставата.
Законот ќе биде поднесен во редовна собраниска процедура, за да се овозможи вклучување на повеќе чинители со свои коментари и предлози, што ќе придонесат за негово подобрување.
Филипче уште еднаш потенцираше дека е важно во вакви моменти политичките партии да остават настрана несогласувања и да работат заеднички во интерес на граѓаните.