16 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Речиси 12.000 македонски државјани минатата година работеле во Хрватска, покажуваат официјалните податоци на Министерство за внатрешни работи на Хрватска доставени до Форбс. Бројката од 11.856 издадени дозволи за престој и работа отвора сериозни прашања за состојбата на домашниот пазар на труд и економските перспективи во Македонија.
Иако Македонија не е на врвот на листата, фактот што илјадници граѓани се принудени да бараат егзистенција надвор од земјата сигнализира продлабочување на трендот на иселување. Пред Македонија се Босна и Херцеговина (32.225 дозволи), Непал (31.708), Србија (24.278), Филипини (17.629) и Индија (15.400), што ја става земјата во групата на држави со значителен извоз на работна сила.
Во текот на 2025 година, Хрватска издала вкупно 170.723 дозволи за престој и работа согласно Законот за странци. Овој податок говори за силната зависност на хрватската економија од увозна работна сила – но уште повеќе за слабостите на економиите од кои тие работници доаѓаат.
Најголем дел од дозволите се однесуваат на туризмот и угостителството (52.858) и градежништвото (52.776) – сектори што традиционално нудат сезонска, физички напорна и често нестабилна работа. Следуваат индустријата (24.479), транспортот и врските (13.039) и трговијата (8.601).
Тоа значи дека значителен дел од македонските работници се ангажирани во пониско платени и трудоинтензивни дејности, наместо во високо квалификувани професии што би носеле долгорочен развој и повисока додадена вредност.
Проблемот не е само во бројката од речиси 12.000 лица, туку во пораката што таа ја испраќа: македонскиот пазар на труд не успева да ги задржи сопствените граѓани. Наместо домашна економска консолидација, сведочиме на континуирано празнење на работоспособното население.
Доколку трендот продолжи, последиците ќе бидат повеќеслојни – од недостиг на работна сила во одредени сектори, до намалување на демографскиот потенцијал и дополнителен притисок врз социјалниот систем. Бројките од Хрватска не се само статистика – тие се индикатор за системски проблем што бара сериозна и итна стратегија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

